петок, 24 април 2026

ЕУ ќе соработува ако талибанците ги почитуваат правилата

Објавено на

часот

Сподели

Европската Унија ќе соработува со авганистанската влада, по враќањето на талибанците на власт, доколку ги почитуваат основните права и го спречуваат тероризмот, изјави денеска високиот претставник на блокот Жосеп Борел по вонредниот состанок на министрите за надворешни работи на Европската Унија за ситуацијата во Авганистан, пренесува Ројтерс.

„Соработката со која било идна авганистанска влада ќе биде условена со мирно и инклузивно решение и почитување на основните права на сите Авганистанци, вклучително и жените, девојките и припадниците на малцинствата“, рече Борел.

Борел ги повика сите актери да дозволат безбеден и непречен пристап до хуманитарната помош за авганистанските жени, мажи и деца што имаат потреба.

„ЕУ ги повикува талибанците да ги почитуваат своите обврски според меѓународното хуманитарно право во сите околности. ЕУ, исто така, ќе ги поддржи соседите на Авганистан во справувањето со зголемувањето на приливот на бегалци и мигранти“, додаде Борел.

Борел коментираше дека главниот заклучок од состанокот е дека треба да се обезбеди безбедна евакуација за европските граѓани во Авганистан, како и за авганистанските граѓани што работеле со нив во последните 20 години.

ЕУ е загрижена дека сеприсутниот страв на Авганистанците од тврдокорното исламистичко владеење ќе предизвика егзодус од таа земја разорена од војна.

Германскиот министер за надворешни работи, Хаико Мас, пред состанокот изјави дека учесниците ќе се фокусираат на прашањето како безбедно да се евакуираат граѓаните на ЕУ во Авганистан и локалните соработници, авганистански државјани.

„Посебно ќе се фокусираме на стабилноста на регионот. Соседните земји на Авганистан сигурно ќе се соочат со притисок и масовни движења на бегалци“, рече Мас, пренесува АП.

Многу европски земји се загрижени за можниот голем прилив на бегалци и се сеќаваат на масовниот егзодус од Сирија во 2015 година.

Авганистанците, по Сиријците, ја претставуваат најголемата група бегалци што бараат азил во Европа, а според некои процени во ЕУ, се сугерира дека од 2015 година азил побарале околу 570.000 Авганистанци.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, вчера најави дека Франција, Германија и другите европски партнери ќе работат брзо за да подготват „силен одговор“ на секој нов прилив на бегалци од Авганистан.

Во меѓувреме, Австрија планира на утрешниот состанок на министрите за внатрешни работи на ЕУ да предложи во земјите што граничат со Авганистан да се отворат центри за прием и депортација.

Вчера германската канцеларка Ангела Меркел и други германски политичари, исто така, предупредија на можен нов бран бегалци и побараа да им се помогне на земјите што граничат со Авганистан да го задржат и спречат бегалскиот бран кон ЕУ.

„Ова првенствено се однесува на помагање на соседните земји кон кои може да се упатат бегалци од Авганистан“, објасни Меркел на прес-конференција.

Меѓународната организација за миграции денеска предупреди за зголемените пропорции на хуманитарната криза во Авганистан, посочувајќи дека ситуацијата е уште повеќе „влошена од големата суша и пандемијата на коронавирусот“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ