Комисијата сепак призна дека новиот механизам кој ја поврзува исплатата на европските пари со почитувањето на владеењето на правото не може да се примени во тој случај, што го бараат европратениците и Шведска.
Унгарија мора да одговори на писмото на Европската комисија во кое се изнесуваат правни забелешки на законот кој се смета за „дискриминирачки“ и спротивен на европските вредности.
„Чекаме одговор од унгарските власти… најдобриот би бил дека законот нема да стапи на сила, тоа најмногу би го сакала“, кажа претседателката на Европската комисија Вера Јурова.
Таа предупреди дека во спротивно Комисијата нема да се колеба да ја почне втората фаза на постапката која може да доведе до Судот на ЕУ и финансиски санкции.
На новинарското прашање дали е можно активирање на новиот механизам за заштита на владеењето на правото, усвоен во 2020, Јурова јасно кажа дека не е можно.
Механизмот не се применува додека Судот на ЕУ не донесе одлука за неговата валидност по обвинувањата на Будимпешта и Варшава.
Унгарскиот закон, кој треба да стапи на сила во јули, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен го оцени како срамен, а го критикуваа и повеќето држави членки на последниот самит на ЕУ.
Законот забранува „прикажување и промовирање на родов идентитет различен од полот при раѓањето, промена на полот и хомосексуалност на помлади од 18 години“.
Повеќе од половина држави членки на ЕУ, вклучувајќи ги четирите најголеми (Германија, Франција, Италија и Шпанија), потпишаа заедничка декларација со која се изразува „голема загриженост“ околу унгарскиот закон и се повикува Комисијата да дејствува.
Унгарската влада истакна дека со законот се штитат правата на децата и дека никого не дискриминира.






