Одлуката на ЕК ќе стапи на сила на 16 ноември и Србија ќе биде поврзана со европскиот систем на дигитални сертификати, а нејзините сертификати ќе бидат признати под истите услови како и документите издадени во членките на Унијата.
Истовремено, официјален Белград ја прифати европската ковид пропусница за патувања од ЕУ во Србија, објави српската влада.
Европската комисија со технички испитувања утврдила дека сертификатите за вакцинирање, тестирање и оздравување од ковид-19 кои ги издава Србија се во согласност со системот „Дигитален зелен сертификат“ и дека е овозможена проверка на автентичноста, валидноста и интегритетот на сертификатот и ги содржи потребните податоци.
Во Брисел истакнуваат дека тоа е уште еден доказ за продолжување на напорите за јакнење на довербата на патниците и безбедните патувања во и надвор од ЕУ.
ЕУ ги признава ковид-потврдите на 49 земји, вклучувајќи 22 надвор од Унијата. Освен Србија од земјите на Западен Балкан ЕУ ги признава сертификатите издадени во Албанија и Македонија.






