среда, 29 април 2026

Естонија сака Европа да ја затвори вратата за поранешните борци на Путин

Естонија се подготвува за одбрана од руски војници, дури и откако оружјето ќе замолкне во Украина, пренесува бриселскиот портал Политико.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Малата балтичка држава веќе го блокираше влезот на околу 1.300 поранешни руски борци оваа година, а сега врши силен притисок врз Брисел да им забрани на поранешните руски војници да влезат во цела Европска Унија на долг рок, без оглед на крајот на конфликтот.

„Не можете да им дозволите на овие луѓе кои вршат злосторства, кои силуваат жени, кои убиваат деца и цивили на фронтот, да дојдат во Европа“, изјави естонскиот министер за одбрана Хано Певкур за Политико.

Тој додаде дека ова не е само естонско, туку и европско безбедносно прашање.

Естонија првпат официјално ја презентираше оваа идеја на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во јануари, предлогот веднаш доби поддршка од високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас.

На крајот на март, европските претставници ја задолжија Европската комисија да ги испита можните начини за имплементација, а конкретни предлози се очекуваат на самитот на ЕУ во јуни.

Литванија веќе најави дека ќе води своја „црна листа“, постојните строги мерки против руските граѓани веќе претставуваат речиси целосна забрана за влез.

Естонија го оправдува предлогот и од безбедносни и од морални причини. Официјалните лица предупредуваат дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да користи демобилизирани војници за хибридни операции, саботажи и шпионажа во Европа.

„Сигурен сум дека Путин ќе ги турне овие луѓе во Европа. Денес веќе знаеме за хибридните напади, но можете ли да замислите стотици илјади поранешни борци и криминалци тука?“, рече естонскиот министер за надворешни работи, додавајќи дека овие луѓе „нема само да работат и да плаќаат даноци, туку ќе прават многу лоши работи“.

Певкур ги отфрла критиките дека таквата забрана би можела да влијае и на присилно мобилизирани војници или дезертери. „Пред да се приклучат на руската армија, тие имаат можност да избегаат“, рече тој.

Сепак, за време на руската мобилизација, Естонија беше меѓу земјите што не го признаваа избегнувањето на регрутација како основа за азил, наведувајќи дека дисидентите треба да се спротивстават на војната одвнатре.

Според рускиот весник „Новаја газета“, најмалку шест проценти демобилизирани војници се осудени за кривични дела во Русија, вклучувајќи повеќе од 900 сериозни кривични дела како што е убиство.

Од друга страна, руските активисти за човекови права истакнуваат дека казнувањето на дезертерите наместо нивна поддршка само ги обесхрабрува војниците да го положат оружјето. Потсетуваат дека на оние кои ја одбиваат регрутацијата им се заканува парична казна или затвор до 15 години.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ