среда, 6 мај 2026

ЕМА: Земјите треба да воведат дополнителни мерки за забавување на вирусот во текот на зимата

Објавено на

часот

Сподели

„Сведоци сме на прекумерен број случаи – вклучително и тешка форма на болеста, хоспитализација и приеми во единиците за интензивна нега, особено кај невакцинираните“, рече на прес-конференција Марко Кавалери, водител на стратегијата за вакцинација на Европската агенција за лекови (ЕМА).

Додека континентот се бори со нов бран на пандемијата, стапката на вакцинација во некои земји-членки е „неприфатливо ниска (…), дури и кај ризичните, постарите од 50 години“, истакна Кавалери.

„Мора да го премостиме јазот и да се погрижиме што е можно повеќе луѓе да се вакцинираат“, предупреди тој.

Италијанецот потсети дека не постои „100 проценти ефикасна вакцина“, што значи дека земјите мора да преземат дополнителни мерки за да ја забават циркулацијата на вирусот во текот на зимата.

Голем број земји усвоија или планираат да усвојат мерки со кои ќе ги опфатат невакцинираните. Австрија деновиве воведе карантин за сите оние кои не примиле вакцина против ковид. Слични мерки би можела да објави и Германија, а за нив се подготвуваат и Чешка, Словачка и Грција.

Исто така, се прават напори да се поттикне вакцинација и да се најдат нови лекови.

Гледајќи го зголемувањето на бројот на случаи меѓу децата, ЕМА планира следната недела да донесе одлука за евентуално одобрување на вакцината на Фајзер-Бионтек за деца на возраст од 5 до 11 години.

„Со оглед на критичната ситуација во многу земји-членки“, регулаторот ќе го тестира новиот лек против ковид, во таблети, на Фајзер чии први резултати „ветуваат“.

Ова треба да ѝ овозможи на ЕМА да издаде стручни препораки до земјите за да можат да го користат и пред официјалното одобрување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ