Поддршката за американскиот претседател Џо Бајден падна за седум проценти, на најниско ниво досега, откако талибанците ја освоија авганистанската престолнина, покажува анкетата на Ројтерс и Ипсос.
Анкетата спроведена во понеделникот покажа дека Џо Бајден го поддржуваат 46% од Американците, што е најниско неделно ниво од неговото преземање на власта во јануари.
Популарноста на американскиот претседател значително опадна откако талибанците влегоа во главниот град на Авганистан, Кабул, од каде што владата избега, по две децении американска воена операција што чинеше милијарди долари и однесе илјадници американски животи.
Друга анкета на Ипсос, исто така спроведена во понеделникот, покажа дека помалку од половина од Американците го поддржуваат воениот и дипломатски пристап на Бајден во Авганистан.
Американскиот претседател, кој минатиот месец ги пофали авганистанските сили како „најдобро опремени во светот“, во моментов има најмала поддршка од тројцата американски претседатели што владееја во текот на таа најдолга американска војна.
Белата куќа во вторникот соопшти дека Бајден разговарал со британскиот премиер Борис Џонсон, со кого договорил состанок на Г7 следната недела за да разговараат за заедничката стратегија за Авганистан.






