„Германците до зимата ќе бидат вакцинирани, излечени или мртви“, кажа министерот на прес-конференција. Поради сè поголемиот број новозаразени, Германија се подготвува за заострување на мерките против коронавирусот, по примерот на соседна Австрија.
Иако е свесен за тежината на своите зборови, Шпан кажа дека тоа е многу реално сценарио.
„Можеби звучи цинично, но е вистина. Со многу заразната делта варијанта тоа е многу, многу веројатно и затоа препорачуваме вакцинација што побрзо“, порача министерот.
На почетокот на оваа недела Германија бележи по 30.000 новозаразени за 24 часа, што претставува зголемување од околу 50 отсто во однос на минатата недела.
Болниците предупредија дека капацитетите за интензивна нега се речиси исцрпени, а некои пациенти мора да бидат префрлени во други оддалечени клиники.






