Џонсон се обрати пред британскиот парламент, кој се врати од летната пауза заради расправа за ситуацијата во Авганистан. Британскиот премиер отфрли какво било продолжување на воените акции во таа земја и ги повика Обединетите нации да бидат предводници во хуманитарните напори.
Талибанците рекоа дека сакаат мир, дека нема да им се одмаздуваат на старите непријатели и дека ќе ги почитуваат правата на жените во рамки на исламскиот закон. Но, илјадници Авганистанци, од кои многумина им помагаа на странските сили, очајно сакаат да побегнат од земјата.
„За овој режим ќе судиме врз основа на изборот што го прави, првенствено според неговите постапки, а не според зборовите, ставот кон тероризмот, криминалот и наркотиците, како и хуманитарниот пристап и правата на девојчињата за образование“, рече Џонсон.
„Колку и да се мрачни лекциите од минатото, иднината сè уште не е напишана. И на нејзината мрачна пресвртница, ние мора да му помогнеме на авганистанскиот народ да ја избере најдобрата од сите можни иднини“, додаде тој.
Велика Британија објави дека ќе прими до 5.000 Авганистанци во првата година од новата програма за преселување, при што приоритет им се дава на жените, девојчињата, верските и другите малцинства, како дел од западните планови за помош на оние што го напуштаат Авганистан.
Брзината со која талибанците го освоија Авганистан, откако силите предводени од САД ги повлекоа повеќето свои војници, го изненади Западот. Многу земји сега се обидуваат да ги извлечат своите дипломати и Авганистанците кои им помагале.
„Ситуацијата од викендот се стабилизираше, но останува неизвесна, а британски претставници на терен прават сè што можат да го забрзаат движењето на луѓето, оние што треба да излезат“, рече Џонсон.
Британскиот премиер рече дека смета дека е „илузија да се верува дека меѓу нашите партнери постои апетит за постојано воено присуство или за воено решение на НАТО во Авганистан“.
„Таа идеја заврши со борбената мисија во 2014 година и не верувам дека, распоредувањето на десетици илјади британски војници против талибанците е опција“, додаде Џонсон.






