Дебатата изби во јавноста во ЕУ кога таквата обврска беше воведена од страна на француските и грчките власти, иако повеќето експерти, медиуми и владејачки кругови во Унијата тоа го сметаат за, ако не баш нужен, тогаш несомнено препорачлив и етички чекор за да се спречи растечката зараза во Европа.
Италијанската влада во април објави дека лекарите и болничарите мора да бидат вакцинирани со цел да се спречи нова, предизвикана од вирусот, национална трагедија како таа во март минатата година.
Но сега на одлуките на Париз и Атина за воведување обврски за вакцинација и „здравствена пропусница“ за ресторани и сите затворени простори луто реагираа и противниците на вакцинацијата, оние што тврдат дека коронавирусот не постои, како и оние што веруваат дека тоа ја загрозува демократијата и личните слободи.
Грчкиот портал Рил њуз, така, смета дека „неопходната масовна вакцинација не може да се постигне со уцени, морален, психолошки притисок или ‘награда’, туку со целосни информации и убедувања што се градат врз вистината, бидејќи сè друго само го потхранува неразумното размислување“.
Националниот биоетички комитет во Атина, сепак, вели дека обврската за вакцинирање е „последното средство“, кое и претходно е препорачано под сомнение дека вакцинацијата нема да го достигне потребното ниво национална заштита од вирусот, а сега излезе дека само 38 од предвидените 70 проценти од Грците ја примиле вакцината.
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека владата во Берлин без обврска „само силно препорачува“ вакцинирање на лекарите, медицинските сестри и вработените во домовите за стари лица и изнемоштени лица, но исто така посочи дека четвртиот бран на пандемијата може да се запре само со многу поголема вакцинација против ковид-19.
Германскиот портал Дојче веле го пренесува ставот на Артур Каплан, професор по медицинска етика на Универзитетот во Њујорк, кој предупредува дека милиони луѓе ќе умрат ако не бидат преземени радикални мерки, со етичко-професионална обврска да се вакцинираат пред сѐ здравствените работници, за да се запре ширењето на делта-сојот на вирусот.
Белгискиот дневен весник Соар вели дека за антиваксерите административното пропишување на вакцинацијата претставува прекршување на слободата на поединецот… но како што стојат работите сега, вакцината е токму клучот за повторната слобода“.
Францускиот весник Фигаро го брани претседателот Емануел Макрон, кој нареди задолжително вакцинирање и воведување „здравствена пропусница“, и посочува дека „ако слободата претпоставува непостоење на принуда, секоја слобода е исто така ограничена со слободата на другите луѓе“.
Во анализата, Фигаро се повикува на заклетвата на Хипократ, која се заснова на природниот морал, и нагласува дека оние што сакаат да се занимаваат со професија чија цел е здравјето на луѓето, имаат етичка должност да спасуваат животи или да придонесат во тоа… па токму затоа треба да се вакцинираат.






