Во декември и во јануари нема да се наплаќа ДДВ на електричната енергија и гасот, соопшти министерството за финансии.
Владата вака реагира на „многу необичната ситуација“, кажа министерката за финансии Алена Шилерова.
Мерката ќе го чини државниот буџет околу 157 милиони евра.
Владата сугерира и дополнување на законот со кое снабдувањето со гас и струја од идната година трајно би се ослободило од ДДВ.
Премиерот Андреј Бабиш, лидер на центристичката партија АНО, беше поразен на неодамнешните парламентарни избори и изјави дека е спремен да ја предаде власта, истакнувајќи дека ќе го одбие мандатот ако претседателот Милош Земан му го понуди, објави агенцијата ЧТК.
Ситуацијата се искомплицира откако Земан беше хоспитализиран и во моментов, според вчерашната објава на претседателот на горниот дом на парламентот Милош Вистрчил, не може да ја врши својата должност.
Бабиш, пак, не успева да најде партнери за коалиција и неговата потенцијална влада сигурно не би ја добила довербата од долниот дом на парламентот, но таквиот обид би можел да му го продолжи мандатот за неколку месеци.
Лидерот на опозицијата Петр Фиала, пак, се спротивстави на укинувањето на наплатата на ДДВ на струја и гас, кажувајќи дека подобро решение би биле конкретни субвенции за домаќинствата со ниски примања.
Мерката уште мора да ја одобри Европската комисија, а временски се поклопи со наглиот раст на цените на струјата и гасот, кој низ Европа навести жесток ценовен удар врз домаќинствата и ја присили владата да интервенира.






