Тој дневен скок претставува зголемување од 54 проценти во однос на состојбата од пред недела дена и го надмина претходниот јануарски рекорд од 17.778 заразени во еден ден. Покрај Чешка, бројките растат и во соседните држави Австрија, Германија и Словачка.
Владата во преодниот период, кога треба да се назначи нова, избегна заострување на мерките против ширење на коронавирусот, но влошената состојба во болниците ја принуди да размисли за ограничувања за невакцинираните.
Во болниците вчера имало 4.425 пациенти, што е сепак помалку од половина во однос на рекордните бројки од март, а 661 лице се на интензивна нега. Владата утре треба да разговара за различните опции. Чешка досега од почетокот на пандемијата имала речиси два милиони заразени и над 31.000 починати.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) минатата недела предупреди дека Чешка е меѓу десетте европски земји каде ситуацијата е многу загрижувачка. Земјата целосно вакцинирала 57,6 отсто од населението, што е пониско од европскиот просек од 64,9 отсто, покажуваат податоците на ЕЦДЦ.






