Во обвинението поднесено до воениот суд, шест лица се обвинети за собирање и проследување доверливи податоци во странска земја, соопштија обвинителите, пренесе агенцијата АП.
Меѓу нив се и поранешен висок функционер на бугарската воена разузнавачка служба, високи функционери на Министерството за одбрана и поранешен воен аташе, кој надгледувал доверливи информации.
Шесте лица беа уапсени во март. Петмина од нив сѐ уште се во притвор, додека еден е пуштен со кауција.
Подготвителното рочиште сѐ уште не е закажано, а доколку бидат прогласени за виновни, може да се соочат со казни од 10 години до доживотен затвор.
Обвинителите го окарактеризираа поранешниот функционер на Воената разузнавачка служба како „мозокот“ на целиот заговор.
Тој дипломирал на разузнавачко училиште во Москва со кое раководи руската воена разузнавачка служба ГРУ, соопштија бугарските власти.
Обвинителите велат дека по неговото враќање во Бугарија, добил задача да регрутира мрежа на агенти со пристап до доверливи документи поврзани со НАТО и Европската Унија.
Неговата сопруга, која има двојно бугарско-руско државјанство, документите ги предавала во руската амбасада во Бугарија.
Минатата година Бугарија протера пет руски дипломати обвинети за шпионирање што не можеше да бидат обвинети поради нивниот дипломатски имунитет. Меѓу нив беше и руски воен аташе, кој според обвинителите координирал шпионска мрежа во Бугарија.






