„48 отсто од парите веќе се обезбедени на терен“, изрази задоволство францускиот претседател Емануел Макрон на маргините на КОП26 во Глазгов, на состанокот за проектот за пошумување со голем земјен појас што опфаќа 11 африкански земји.
Проектот „Големиот зелен ѕид“, почнат во 2007 година, доби на интензитет во јануари, по повод Самитот „Една планета“ во Париз, каде што беше објавена распределба на 19 милијарди долари. На вчерашниот состанок, на кој присуствуваа принцот Чарлс и Џеф Безос, Безос рече дека неговата фондација денеска ќе преземе обврска од милијарда долари за обнова на почвата, најмногу во Африка.
„Го повикавме принцот Чарлс, а тој го покани Џеф Безос. Не е лесно да се добијат меѓународни фондации за сите овие мали проекти“, им рече Макрон на новинарите.
Претприемачите, вклучително и Безос, се најдоа на удар на критичарите затоа што трошат пари на патувања во вселената наместо да ги решаваат проблемите на Земјата. Основачот на најголемата онлајн-продавница во светот рече дека за време на вселенскиот лет со неговото вселенско летало Њу Шепард во јули станал свесен за кревкоста на планетата.
„Ми рекоа дека кога ја гледате Земјата од вселената, таа го менува начинот на кој гледате на светот, но јас не знаев дека тоа ќе биде толку точно“, рече Безос на конференцијата. Неговиот Фонд за Земјата планира да даде вкупно десет милијарди долари за борба против климатските промени.






