„Не можеме да ги исполниме нашите обврски од овој договор во контекст на санкциите и ограничувањата што ни ги наметна ЕУ“, се вели во соопштението на белоруското министерство за надворешни работи додавајќи дека постапката за спроведување на прекин на учеството е започната.
Европејците ги засилија санкциите против Минск поради репресијата на големите протести предизвикани од реизборот на претседателот Александар Лукашенко во август 2020 година, за кој сметаат дека е наместен.
Белоруското министерство исто така најави дека ќе го повика својот амбасадор при ЕУ на консултации и ќе го повика шефот на европската делегација во Белорусија да се врати во Брисел и да им пренесе на своите лидери дека „притисоците и санкциите се неприфатливи“.
Минск вели дека прекинувањето на Источното партнерство, започнато во 2009 година со шест земји, „негативно ќе влијае на интеракциите со Европската унија во борбата против илегалната имиграција и организираниот криминал“.
Истиот извор наведува дека на европските официјални лица, кои учествувале во изготвувањето санкции против Белорусија, ќе им биде забранет влез на белоруска територија.
„Белорусија подготвува други мерки за одговор, особено на економско поле“, додаде Министерството за надворешни работи, според изворот.
ЕУ го започна Источното партнерство со Белорусија, Украина, Молдавија, Ерменија, Азербејџан и Грузија, и предложи поблиски економски и политички односи во замена за реформи.
ЕУ секогаш тврди дека целта на ова партнерство не е да го прошири своето влијание на штета на другите, но Русија се смета загрозена од тоа партнерство.






