четврток, 23 април 2026

Американските војници почесто се самоубиваат отколку што гинат во војни

Објавено на

часот

Сподели

Суровото време, изолацијата, стресот и алкохолот сѐ повеќе земаат „крвав данок“ во американските воени бази на Алјаска. Од почетокот на оваа година, најмалку шест војници на крајниот северозапад на САД си го одзеле животот. Загрижен за порастот на самоубиствата во вооружените сили, шефот на Пентагон, Лојд Остин, за време на посетата на војниците на Алјаска вети дека ќе го подобри квалитетот на животот во касарните и ќе им помогне на војниците да го одржат менталното здравје.

„Загубата и на само еден живот поради самоубиство е премногу. Треба да работиме на отстранување на стигмата поврзана со менталното здравје. Менталното здравје е здравје. Точка. Затоа мора да пристапиме кон решавање на овој проблем со иста енергија како и кога лечиме физички болести“, рече американскиот министер за одбрана, пренесе Ју-ес-еј тудеј.

Минатата година вкупно 385 активни војници кренале рака на себе, што е нагло зголемување на бројот на самоубиствата во споредба со 2019 година, кога имаше 350, и 2018 година, кога бројот на самоубијците беше 326.

Поларните ноќи, кои траат два месеци, и температурите што паѓаат до минус 60 во зима, имаат негативно влијание врз психата на 11.500 војници распоредени главно во две бази на Алјаска. Меѓутоа, проблемот со самоубиствата во американската армија е посериозен и не е предизвикан само од негостољубивата клима.

Црната статистика е застрашувачка. Бројот на самоубиствата на војници е четири пати поголем од бројот на загинатите во војните што ги водеа САД во последните 20 години. Се проценува дека 7.057 војници ги загубиле животите во воените операции по терористичкиот напад врз Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2001 година, а бројот на самоубиствата меѓу активниот воен персонал и ветерани достигна 30.177.

Според извештајот на Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), Алјаска ја има втората највисока стапка на самоубиства во Соединетите Држави, што не ги заобиколува ни момците во униформа. Војниците стационирани на Алјаска, како и локалното население, живеат и работат во тешки временски услови. Кога на ова ќе се додаде „коктелот“: високи трошоци за живот, социјална и географска оддалеченост, прекумерна употреба на алкохол и нарушувања на спиењето – не е чуден таквиот трагичен исход.

Во последниве години војската инвестираше повеќе од 200 милиони долари во подобрување на условите за живот на припадниците на вооружените сили.

Командантот на американската армија на Алјаска, генерал-мајорот Питер Андрисјак, вели дека армијата веќе почнала да воведува промени со цел да ги олесни условите во базите. Спортските сали ќе бидат отворени 24 часа на ден, во текот на зимските месеци на војниците ќе им се овозможи полесен превоз до дома, ќе се воведе безжичен интернет во трпезариите, а исто така ќе добиваат дневен додаток од 10% за храна. Ограничено е и времето кога може да се пијат алкохолни пијалаци во кантината. Сепак, Министерството за одбрана неофицијално потврдува дека стресните фактори што влијаат на влошување на менталното здравје на војниците ја вклучуваат и непредвидливоста на воениот живот и сѐ поагресивните барања на воените команданти, предизвикани од зголемувањето на кинеското воено влијание.

Томас Саит, кој ја спроведе анализата „Проект за трошоците на војната“ за Универзитетот Браун, изјави за Националното јавно радио (НПР) дека општеството треба да биде загрижено за зголемениот процент самоубиства кај припадниците на вооружените сили.

Меѓу факторите што може да бидат поттик за самоубиство на војниците, освен траумите од воените битки и преиспитувањето на совеста, Саит, исто така, го наведува променетиот карактер на војните водени по терористичкиот напад во Њујорк во 2001 година. Тој забележа дека големата распространетост на импровизирани експлозивни направи во Авганистан создаде постојана атмосфера на страв кај војниците дека ќе бидат ранети и со тоа трајно оневозможени за цел живот.

„Намалената јавна поддршка за воени интервенции дома, вистинска епидемија на сексуални напади во војската, ‘машката’ воена култура и полесен пристап до оружје, исто така, може да го зголеми бројот на самоубиствата“, објаснува Томас Саит.

Пензионираниот генерал-потполковник Џозеф Андерсон потврдува дека асиметричните војни водени по терористичкиот напад на 11 септември довеле до големо движење на единиците, што ја направило воената работа постресна за припадниците на вооружените сили. Андерсон посочува дека циклусите на враќање дома од фронтот, а потоа и повторно враќање во единицата во последниве години се без преседан.

Иако Томас Саит предупредува дека по 2001 година, бројот на самоубиствата меѓу воениот персонал е поголем отколку кај цивилите, што не се случило ниту за време на Виетнамската војна, Пентагон за НПР прикажува поинаков поглед на ситуацијата.

Портпаролката на Министерството за одбрана Лиза Лоренс вели дека стапката на воени самоубиства е слична на таа кај возрасната популација во Соединетите Држави, кога ќе се земат предвид возраста и полот.

„Со текот на времето, бројот на таквите смртни случаи кај американското население се зголеми. Припадниците на воената служба не се имуни на трендовите што се случуваат во општеството“, заклучи Лоренс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ