вторник, 5 мај 2026

Американски конгресмени бараат да се размисли за санкции, го обвинуваат Вучиќ за корупција и притисок врз медиумите

Објавено на

часот

Сподели

Тие во писмото до американскиот претседател Џо Бајден наведоа дека се загрижени за политичката ситуација во Србија и за влијанието што би можело да ја има таквата состојба врз Западен Балкан и Европа.

“Како што кажавте за време на посетата на Белград во август 2016 година, „најважно е во сопствениот интерес на Соединетите Држави народот на Србија да може да расте и да просперира“. Затоа, би сакале да ја охрабриме вашата администрација да го ангажира претседателот Вучиќ во борбата против корупцијата и нападот на слободата на печатот, двете области што се од критично значење за просперитетна и демократска Србија и за нејзините аспирации кон членството во ЕУ, се наведува во документот во кој црногорски Вијести имал увид.

Конгресмените го повикаа Бајден да размисли, каде што е можно, да го искористи извршниот налог 14033, кој се однесува на блокирање на имотот и забрана на влез во САД на лица што придонесуваат за дестабилизација на ситуацијата во Западен Балкан со цел да се дојде до потранспарентна и поодговорна влада во Србија која ќе ги почитува демократијата, човековите права и владеењето на правото.

Тие истакнуваат дека слободата на медиумите не е само клучна американска вредност содржана во Уставот на таа држава, туку дека ова прашање е важно и за надворешната политика на Вашингтон и за спротивставувањето на авторитаризмот низ целиот свет.

“Како што изјавивте на крајот од Вашата посета на Белград во 2016 година, ‘нациите се посилни кога се слуша гласот на многумина’. За жал, слободата на медиумите во Србија достигна нова најниска точка. Како што забележуваат репортери без граници: ‘Србија е земја во која новинарите се изложени речиси на секојдневни напади, кои сè повеќе доаѓаат од владејачката елита и од провладините медиуми.’ Исто така е јасно дека провладините медиуми напредуваат и дека се во обостран корисен однос со владата“, се наведува во документот што го потпишуваат конгресмените: Ража Кришнаморти, Ричи Торес, Дејвид Н. Сисилин, Јан Шаковски, Џејмс П. Мекгаверн и Мајк Квигли.

Во еден еклатантен пример, наведуваат, РТВ Пинк, како најголем приватен емитер во Србија, во периодот 2014-2016 година доби најмалку седум милиони евра државни заеми.

Во следната година, кога Александар Вучиќ се кандидираше за претседател, РТВ Пинк ѝ обезбеди на неговата кампања значително повеќе време отколку на сите негови конкуренти заедно, се наведува во документот.

“Дури и работењето на мнозински државната компанија Телеком е обвиено со тајна. Договорите или аранжманите меѓу владата и медиумите им штетат на демократските норми, ги замолчуваат критичарите и ги засилуваат корумпираните единки. Ја поттикнуваме Вашата администрација да работи со претседателот Вучиќ и со другите за да им овозможи на сите медиумски извори да просперираат и да известуваат правично и непристрасно. Како што кажавте во 2016 година, таквите гласови мора да бидат заштитени и почитувани“, додаваат конгресмените.

Тие кажаа и дека администрацијата на Бајден би требало да продолжи да ја ангажира владата на Србија во искоренувањето на корупцијата.

“Владата на САД долго време беше глобален лидер во поддршката на напорите за борба против корупцијата во владата со поставување високи стандарди во работењето, и драго ни е што борбата против корупцијата ќе биде еден од фокусите на претстојниот Самит на демократијата. Нашите политики и основните барања доведоа до зголемување на стопанскиот раст и на довербата во американската економија. За жал за граѓаните на Србија, извештаите покажаа дека претседателот Вучиќ ја продлабочи корупцијата во Србија, вклучувајќи го и користењето на кризата предизвикана од Ковид-19 како изговор за прикривање на државната потрошувачка и набавката на заштитна медицинска опрема и респиратори. Претседателот Вучиќ отиде толку далеку што на Радио-телевизија на Србија кажа дека, додека целиот свет бил во потрага по респиратори, Србија тие апарати ги набавува „полулегално““, се потсетува во документот.

Конгресмените порачаа дека веруваат дека американската администрација би требало итно да преземе мерки за спротивставување на постојната корупција и на понатамошните напади врз слободата на медиумите во Србија. Потсетуваат дека Србија планира напролет да организира претседателски и парламентарни избори.

“Ја повикуваме Вашата администрација да ја повика Србија на одговорност кога се во прашање највисоките стандарди на слободни и фер избори, вклучително и периодот на предизборната кампања и самото пребројување на гласовите. За време на Вашата посета на Белград во 2016 година зборувавте за иднината на Србија која ѝ дава надеж на таа држава и на тамошното население. За жал, за да дојдеме до таа пооптимистична иднина, веруваме дека понатамошните дипломатски акции од страна на Соединетите Држави, а особено од нашите европски сојузници и партнери, се клучни во постигнувањето на тоа Србија да биде ефикасна во спроведувањето на демократските реформи. Со тоа ќе можат да ги унапредат односите со сите држави од Западен Балкан, вклучително и со Косово. Ви се заблагодаруваме што издвоивте време за читање на ова писмо и се радуваме што ќе работиме со Вас на јакнење на демократијата на Балканот и низ целиот свет“, се заклучува во писмото до американскиот претседател.

Сите конгресмени-потписници на писмото се членови на разузнавачкиот или на надворешнополитичкиот одбор на најголемото американско законодавно тело. Нивното обраќање до претседателот Бајден доаѓа спроти посетата на регионот од американскиот специјален пратеник за Балкан Габриел Ескобар. Тој вчера во интервјуто за RSE мошне директно за поткопување на Дејтон го обвини претседателот на Република Српска.

„Тоа што го прави сега Милорад Додик е мошне штетно и многу дестабилизирачко спрема регионот“, нагласи Ескобар. Тој индиректно најави нови санкции спрема раководството на РС за кои кажа „дека се на маса“ и заклучи дека главна причина за однесувањето на Додик е корупцијата.

„Тоа што го прави Милорад Додик е што тој се обидува да ги заштити својата моќ и своите пари. Ги молам луѓето да не наседнуваат на тоа, да не му овозможуваат да го прави тоа“.

По БиХ специјалниот пратеник на претседателот Бајден ја продолжува посетата на регионот, во рамките на која на 9 и 10 ноември ќе престојува во Црна Гора.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ