понеделник, 27 април 2026

Аксиос: Иран даде предлог за прекин на војната и отворање на Ормускиот теснец

Иран им испрати на Соединетите Американски Држави нов предлог за деблокирање на Ормускиот теснец и прекин на војната, а воедно ги одложи нуклеарните разговори за подоцнежна фаза, потврдија американски функционер и двајца добро информирани извори.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Новиот ирански предлог го заобиколува прашањето за нуклеарната програма со цел да се постигне побрз договор, со оглед на тоа што дипломатските напори се во ќор-сокак, а иранското раководство е поделено околу тоа какви отстапки треба да понуди Техеран, пренесува Аксиос.

Сепак, согласувањето за деблокирање на теснецот и прекинување на војната би го отстранило клучното влијание на претседателот Трамп во идните преговори. Неговите две основни воени цели се токму отстранувањето на иранските залихи на збогатен ураниум и убедувањето на Техеран да го прекине понатамошното збогатување.

Се очекува клучен состанок во Белата куќа

Според изјавите на тројца американски официјални лица, се очекува Трамп денеска да одржи состанок за Иран со својот главен тим за национална безбедност. Еден извор наведува дека на состанокот ќе се разговара за застојот во преговорите и можните следни чекори. Трамп веќе навести во интервју за Фокс њуз во неделата дека сака да ја продолжи поморската блокада што го задушува извозот на иранска нафта, надевајќи се дека ќе го принуди Техеран да направи отстапки во наредните недели.

„Кога имате огромни количини нафта што минуваат низ вашиот систем… ако тој цевковод се исклучи од која било причина затоа што не можете да ја внесете нафтата во резервоари или на бродови… она што се случува е дека цевководот експлодира одвнатре. Велат дека им остануваат само околу три дена пред тоа да се случи“, рече Трамп.

Продлабочување на дипломатската криза

Кризата во преговорите меѓу САД и Иран се продлабочи во текот на викендот откако посетата на иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, на Пакистан не донесе никаков напредок. Белата куќа објави дека пратениците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, ќе се сретнат со Арагчи во Исламабад, но Иранците не се согласија со ова. Трамп за Аксиос изјави дека овој ирански став го навел да го откаже патувањето на неговите пратеници.

„Не гледам зошто би ги испратил на 18-часовен лет во ваква ситуација. Предолго е. Можеме да го решиме ова и преку телефон. Иранците можат да ни се јават ако сакаат. Нема да патуваме само за да седиме таму“, рече Трамп.

Арагчи вчера во Мускат разговараше со омански претставници за Ормускиот теснец, а потоа се врати во Исламабад за втора рунда разговори. Се очекува денес да отпатува за Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин.

Што содржи новиот ирански предлог?

Според два информирани извори, за време на состаноците во Исламабад, Арагчи претставил план што го заобиколува нуклеарното прашање. Еден извор рече дека Арагчи им ставил до знаење на пакистанските, египетските, турските и катарските посредници во текот на викендот дека нема консензус во рамките на иранското раководство за тоа како да се одговори на барањата на САД. Соединетите Американски Држави бараат Иран да го суспендира збогатувањето на ураниум најмалку десет години и да го отстрани целиот збогатен ураниум од земјата.

Новиот предлог, кој им беше доставен на САД преку пакистански посредници, се фокусира првенствено на решавање на кризата околу теснецот и блокадата од страна на САД. Како дел од договорот, прекинот на огнот би бил продолжен за подолг период или страните би се согласиле за траен прекин на војната. Нуклеарните преговори, според предлогот, би започнале дури во подоцнежна фаза, откако ќе се отвори теснецот и ќе се отстрани блокадата. Белата куќа го потврди приемот на предлогот, но не е познато дали САД се подготвени да го разгледаат.

Реакции од Белата куќа

Портпаролката на Белата куќа, Оливија Велс, за Аксиос изјави дека САД нема да преговараат преку медиумите. „Ова се чувствителни дипломатски разговори. Како што рече претседателот, САД ги држат сите адути и ќе склучат само договор што го става американскиот народ на прво место и што никогаш нема да му дозволи на Иран да се здобие со нуклеарно оружје“, рече Велс.

Портпаролите на пакистанската војска и Министерството за надворешни работи одбија да коментираат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ