Помалку од еден месец подоцна, на 13 август веднаш по полноќ, во источниот дел на Берлин почна „Акцијата ружа“.
Беше тоа тајниот назив за изградбата на објектот кој во следните децении ќе стане симбол на поделбата на Европа и светот во Студената војна.
Прво беа прекинати железнички траси меѓу западниот, сојузничкиот дел на Берлин и источниот, советскиот дел, беа прекопани патиштата и беа поставени пречки. Потоа рано наутро со обезбедување од источногерманската војска и полиција и проследена од вџашените погледи на берлинците почна и изградбата на ѕидот.
„Антифашистичка заштита“
Берлинскиот ѕид повеќе од 28 години, сè до неговиот пад во ноември 1989, одвојуваше не само два политички погледи на светот туку и многу семејства и човечки судбини.
На тоа денес, 60 години подоцна, со бројни комеморации се потсетува низ Германија, а особено на историските места долж поранешната германско-германска граница.
Берлинскиот ѕид со своите 155 километри околу западниот дел на градот постојано беше доградуван и модернизиран па од првичниот едноставен ѕид со бодликава жица се претвори во софистициран објект со неколку нивоа, вклучувајќи камери и оружје кое реагираше на движење.
Како контраст од остатокот од земјата која се задушуваше под товарот на немаштијата и економската криза, за модернизирањето на „антифашистичкиот заштитен ѕид“, како што на истокот официјално се нарекуваше Берлинскиот ѕид, секогаш имаше пари и скапоцени девизи.
Ѕид против одливот на населението
Берлинскиот ѕид е само најпознатиот дел на „одбраната“ на Германската Демократска Република (ДДР) од Западот.
Слични сложени гранични објекти беа изградени долж речиси 1.400 километри долгата граница. На местата на кои бегството беше најлесно бариерите беа и технички сложени. Долго требаше за да се усовршат подводните препреки на Балтикот на кој, особено на почетокот, имаше многу (успешни и неуспешни) обиди за бегство со нуркање или смели подморници од домашна изработка.
Источна Германија во педесеттите години од 20 век, кога границата не беше толку цврста, ја напуштија милиони граѓани на кои иднината на Западот им изгледаше попримамливо од социјалистичкото секојдневие.
Егзодусот се засили по бунтот против советската окупација во 1953 кој беше задушен во крв. Недостигот од работници и експерти не можеше да го надомести ни миграцијата од братските социјалистички земји како Куба, Мозамбик и Виетнам.
Иако подигнат за да го спречи тоа, и во тунели под Берлинскиот ѕид и со балон преку него продолжи да се бега од земјата на „работниците и селаните“, иако во неспоредливо помали броеви од претходно.
Кревањето на Берлинскиот ѕид на сведоци не им бледнее од сеќавањето ни по повеќе од половина век.
„Мојот татко остана во Западен Берлин, семејството беше поделено. Тоа беше рез во мојот живот“, вели поранешниот борец за граѓански права во ДДР Рајнер Епелман.
Сегашниот претседател на Сојузната фондација за соочување со диктатурата во ДДР и демохристијански политичар бил спречен да полага матура, а неговиот сон за студирање архитектура бил збришан.
За него Берлинскиот ѕид, освен симбол на нечовечноста бил и признавање на моралниот банкрот на комунистичкиот режим кој за време на постоењето на двете германски држави се сметаше за подобро и почовечко издание..
Денес изгледа неверојатно дека и покрај промените во Советскиот Сојуз, „Гласноста“ на Михаил Горбачов и бранот незадоволство на граѓаните, последниот претседател на Државниот совет на ДДР, Ерих Хонекер уште неколку недели пред падот на Берлинскиот ѕид тврдеше дека тој ќе стои „во следните 100 години“.
Берлинскиот ѕид насекаде низ светот
Денес на Берлинскиот ѕид потсетуваат неколку стотини метри преостанати на неколку локации, помалку или повеќе познати.
И додека Ист сајд галери покрај реката Шпре или спомен паркот во Бернауер штрасе меѓу квартот Пренцлауер берг и Вединг секоја година ги посетуваат милиони туристи, на повеќе локации во градот сè уште се наоѓаат заборавени и зараснати остатоци од ѕидот и чекаат да ги откријат ловците на сувенири.
Парчиња од оригиналниот Берлински ѕид сè уште се баран спомен на посетата на некогаш поделената германска престолнина.
На многу локации трасата на Ѕидот на тлото е означена со гранитни коцки. Но многумина кои минуваат не се свесни дека некогаш се гинело долж тие ознаки.
Берлинскиот Сенат одлучи да ги конзервира сите остатоци од Ѕидот кој во поголемиот дел исчезна за време на еуфоријата по обединувањето.
Делови од Берлинскиот ѕид завршија по целиот свет, вкупно 170 сегменти се поставени од Ватикан до Вашингтон.
На спомен областа во Бернауер штрасе видлива е и најтажната страна на поделбата на Берлин. Според проценките, во 28 години најмалку 140 луѓе го изгубиле животот во обид за бегство на Запад.
Судејќи по најновите истражувања на Слободниот универзитет во Берлин жртви имало повеќе од дупло – 327.






