„Слушајте, работите се одвиваат, но, знаете, доста бавно“, кажа Трамп во телефонскиот разговор. „Работите се подобруваат, но не мислам дека нашиот состанок сепак ќе се одржи таму. Веројатно ќе избереме друга локација, веќе имаме една на ум“.
На прашањето дали се разгледува Турција како можна локација, со оглед на нејзините односи и со САД и со Иран, Трамп одговори: „Не, туку нешто поцентрално. Можеби Европа“.
Осврнувајќи се на европските лидери, американскиот претседател кажа дека тие не направиле ништо за да помогнат во повторното отворање на Ормускиот теснец. „Тие не прават ништо, само одржуваат состаноци. Единственото нешто што го прават е да се состануваат“, кажа тој. „Тие би сакале да го решат тоа, но едноставно не знаат како. Тие се хартиен тигар“.
Меѓутоа, набрзо по разговорот со новинарот на Њујорк пост, претседателот Трамп повторно се јави и најави можен пресврт. „Всушност, почекајте, бидејќи нешто може да се случи во следните два дена. Секако сè повеќе размислуваме да одиме таму“, кажа тој, мислејќи на Пакистан.
Тој го објасни своето менување на мислењето со добрата работа на пакистанското воено раководство. „Сега е поверојатно. И знаете зошто? Бидејќи фелдмаршалот одлично си ја врши работата“, кажа Трамп. Тој мислеше на пакистанскиот фелдмаршал, генерал Асим Мунир, со кого воспостави добри односи минатата година за време на кратката војна меѓу Пакистан и Индија, која заврши со договор постигнат со американско посредништво.
„Тој е фантастичен и затоа е поголема веројатноста да се вратиме таму“, додаде Трамп. „Зошто би оделе во земја што нема никаква врска со тоа?“






