понеделник, 11 мај 2026

Силно порасна добивката на саудиската државна нафтена компанија

Саудиската државна нафтена компанија Сауди Арамко објави раст на добивката од 25 проценти во првото тримесечје, покажувајќи отпорност во услови на ограничен поморски сообраќај низ Ормускиот теснец.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во периодот од јануари до март, најголемиот светски извозник на нафта остварил нето добивка од 32,5 милијарди долари, соопшти компанијата.

Вкупните приходи на Арамко пораснале за речиси седум проценти во однос на истиот период лани, достигнувајќи 115,49 милијарди долари, благодарение на повисоките цени и поголемиот обем на испораки на нафта, рафинирани производи и хемикалии.

Иранската блокада на поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец, во услови на судир со САД и Израел, која ги ограничи испораките на енергенси и предизвика скок на цените, го поттикнала Арамко да ги зголеми испораките на нафта од источниот брег кон црвеноморското пристаниште Јанбу.

„Нашиот нафтовод Исток-Запад, кој достигна максимален капацитет од седум милиони барели нафта дневно, се покажа како клучна артерија за снабдување и помогна да се ублажи влијанието на глобалниот енергетски шок“, изјави извршниот директор на Арамко, Амин Насер, додавајќи дека „сигурното снабдување со енергија е клучно“.

Преку нафтоводот, компанијата може да испорачува околу два милиони барели нафта дневно до рафинериите на западниот брег на Саудиска Арабија, што значи дека за извоз остануваат пет милиони барели дневно.

Саудиска Арабија го намалила производството за околу два милиони барели нафта дневно откако Иран го блокирал поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец, воден пат низ кој пред војната минувала една петтина од светските испораки на нафта.

Преку нафтоводот, државната нафтена компанија транспортира главно „лесен тип“ саудиска нафта, како и одредени количества „екстралесна“ нафта, додека испораките на „потешките типови“ нафта биле прекинати.

За првото тримесечје, Арамко ќе им исплати на акционерите основна дивиденда од 21,9 милијарди долари, што е за 3,5 проценти повеќе на годишно ниво, во согласност со очекуваните вкупни дивиденди од 87,6 милијарди долари во 2026 година.

Исплатата на дивидендата за првиот квартал ќе биде реализирана во второто тримесечје, соопшти компанијата.

Во 2023 година, Арамко воведе дивиденда поврзана со успешноста, односно со слободниот паричен тек.

Саудиска Арабија во голема мера зависи од исплатите на Арамко кога станува збор за финансирање на домашната потрошувачка и покривање на буџетските дефицити, наведува Ројтерс.

Имено, владата директно поседува речиси 81,5 проценти од компанијата, додека 16 проценти се во сопственост на јавниот инвестициски фонд.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ