Ноќта меѓу средата и четвртокот израелската војска пресретна повеќе од 20 бродови во меѓународни води крај Грција и приведе 175 лица, вклучувајќи околу 30 Шпанци.
„Нашата влада прави сè што е потребно за да ги заштити и да им помогне на приведените Шпанци, но тоа не е доволно. ЕУ мора веднаш да го суспендира договорот за партнерство и да побара од (израелскиот премиер Бенјамин) Нетанјаху да го почитува законот на нашите мориња“, порача Санчез.
Во неделата околу 60 бродови со меѓународни активисти и хуманитарци тргнаа од италијанскиот остров Сицилија во обид да ја пробијат поморската блокада која ја наметна Израел во 2007 година. Конвојот се обидува да отвори постојан хуманитарен коридор кон опколениот Појас Газа.
Израел го нарече тоа „провокација“. „Нашите храбри војници на ИДФ дејствуваат професионално и решително наспроти група полудени агитатори кои бараат внимание“, напиша израелскиот претставник во Обединетите нации Дени Данон на Икс.
Преостанатите 32 брода го продолжуваат своето патување кон Појасот Газа. Ним треба да им се придружат по десет брода од Грција и Турција, објави флотилата.
Шпанија и десет други земји, вклучувајќи ги Бразил, Колумбија, Турција и Јужна Африка, објавија заедничка декларација во четвртокот во која бараат итно ослободување на активистите „чија мирна и граѓанска иницијатива од хуманитарна природа има за цел да го привлече вниманието на меѓународната заедница кон хуманитарната катастрофа во Газа“.
„Израелските напади врз бродови и нелегалното притворање на хуманитарни активисти во меѓународни води претставуваат јасни прекршувања на меѓународното право и меѓународното хуманитарно право“, изјавија тие.






