Известувањето го испратило Бирото на Стејт департментот за законодавни прашања, во согласност со Законот за контрола на извозот на оружје.
Истото известување е проследено и до Комитетот за надворешни работи на Сенатот.
Членот 36(ц) бара американската администрација да го извести Конгресот за одредени продажби или предложени дозволи за одбранбени средства и услуги за странски држави.
Во документот на Конгресот не се наведени детали за видот на опремата или услугите што се опфатени со оваа дозвола.
Известувањето за снабдување на Косово со ново американско оружје доаѓа во време кога некои американски конгресмени повикуваат Вашингтон да го поддржи членството на Косово во НАТО.
Косово и претходно купуваше воена опрема од САД.
Во февруари 2025 година Косово доби беспилотни летала купени од САД, а неколку месеци подоцна и оклопни возила.
Во 2024 година Косово поднесе барање за купување 200 противтенковски ракети џавелин.
Од САД во 2018 година на Косово пристигнаа воени возила хамви. За 51 возило владата на Косово таа година потпиша договор со американската компанија Еј-ем џенерал.
Две години подоцна Косово купи и други воени возила од САД, додека во 2021 година американската влада му донираше 55 оклопни безбедносни возила.
Косовските безбедносни сили се во процес на трансформација во армија. Тој процес почна во 2018 година по измените на законот и се очекува да трае десет години.
САД од почетокот ја поддржуваат таа трансформација, но не и НАТО, кој инсистира Косовските безбедносни сили да се придржуваат до своите првични задачи, како што се одговор на кризи и цивилна заштита.
Косовските сили се подготвуваат и за приклучување кон меѓународните стабилизациски сили за Газа, врз основа на мировен план за регионот предложен од американскиот претседател Доналд Трамп.






