Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп вршеше притисок за склучување на тој договор.
Трамп претходно кажа дека ги сака за САД ретките минерали на Украина како услов за продолжување на помошта на таа земја во војната со Русија која трае повеќе од три години. Украинците вчера објавија дека се спремни да го потпишат договорот.
„Среќен сум да го објавам денешното потпишување на историскиот договор за економско партнерство“ со Украина, изјави синоќа американскиот министер за финансии Скот Бесент во видео порака.
Украинската министерка за економија Јулија Свириденко, која замина во Вашингтон за да го потпише тој документ, напиша дека САД формираат фонд „кој ќе ги привлекува светските инвестиции во Украина“.
Договорот со Вашингтон ќе финансира проекти за вадење минерали, нафта и гас, порача украинската министерка на Фејсбук.
Но, таа додаде дека Украина ги задржува „целосната сопственост и контролата над ресурсите“ вклучувајќи ги и подземните, и „украинската држава ќе одлучува каде и што ќе биде вадено“.
Документот уште треба да го ратификува украинскиот парламент по неговото потпишување.
Се чини дека не содржи американски безбедносни гаранции кон Русија, кои Киев ги бараше и на што инсистираше претседателот на Украина Володимир Зеленски, пишува Франс прес.
„Договорот јасно ѝ покажува на Русија дека администрацијата на Трамп е ангажирана во мировниот процес насочен кон слободна, суверена и просперитетна Украина гледајќи долгорочно“, порача американскиот министер Скот Бесент во соопштението.
Според договорот се формира инвестициски фонд за инвестирање во реконструкцијата на Украина, со кој во еднаков сооднос ќе управуваат и ќе го финансираат и Украинците и Американците.