вторник, 14 април 2026

Ројтерс: Преговорите меѓу САД и Иран ќе продолжат оваа или во почетокот на следната недела во Исламабад

Преговарачките тимови од Соединетите Американски Држави и Иран би можеле да се вратат во Пакистан подоцна оваа недела за да ги продолжат преговорите за ставање крај на војната во Заливот, рекле денеска пакистански и ирански претставници за Ројтерс, неколку дена откако првите мировни разговори завршија без решение.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Немало непосредна потврда од американски претставници за овие планови, за кои иранските и пакистанските извори зборувале под услов да останат анонимни.

Извор вклучен во разговорите рекол дека е испратен предлог до Вашингтон и Техеран делегациите да се вратат во Исламабад и да ги продолжат дискусиите. Сè уште не е одреден датум, но двете земји би можеле да се вратат уште на крајот на оваа недела.

Претставник од иранската амбасада во Исламабад рекол: „Следните рунди разговори би можеле да се одржат некаде подоцна оваа недела или во почетокот на следната недела. Но засега ништо не е финализирано.“

Претходно, висок ирански извор рекол дека „не е утврден точен датум, но делегациите ги оставаат отворени деновите од петок до недела“.

Висок пакистански претставник рекол дека Исламабад стапил во контакт со Иран и добил „позитивен одговор дека се отворени за втора рунда разговори“.

Истиот претставник и уште еден пакистански извор рекле дека Исламабад комуницира со двете страни околу времето на следната рунда, при што состанокот најверојатно ќе се одржи за време на претстојниот викенд.

Минатиот викенд, состанокот во главниот град на Пакистан за решавање на конфликтот меѓу САД и Иран, одржан четири дена по објавувањето на примирјето, не донесе решение. Тоа беше прва директна средба меѓу американски и ирански претставници по повеќе од една деценија, како и највисоко ниво на контакти од Исламската револуција во Иран во 1979 година.

Министерството за надворешни работи на Пакистан, армијата и кабинетот на премиерот не одговориле на барањето за коментар, ниту пак Белата куќа веднаш се огласил.

Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, и претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Калибаф, ги предводеа своите делегации во последната рунда разговори.

Меѓу спорните прашања се Ормускиот теснец, клучна рута за глобалните енергетски испораки што Иран практично ја блокира, а САД најавуваат дека ќе ја отворат, како и иранската нуклеарна програма и меѓународните санкции кон Техеран.

Венс по завршувањето на разговорите изјави: „Заминувајќи од тука, имаме многу едноставен предлог, начин на разбирање што е нашата конечна и најдобра понуда.“

„Ќе видиме дали Иранците ќе ја прифатат.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ