петок, 14 ноември 2025

Путин во Кремљ прими севернокорејска министерка: „Сè оди според планот“

Рускиот претседател Владимир Путин денес, за време на средбата во Кремљ со севернокорејската министерка за надворешни работи Чое Сон Хуи, ја замолил да му пренесе на лидерот на нејзината земја, Ким Џонг-ун, дека сè „оди според планот“ во билатералните односи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Путин и Ким минатата година потпишаа договор за стратегиско партнерство што вклучуваше договор за меѓусебна одбрана, а Северна Кореја испрати војници, артилериска муниција и ракети во Русија за да ја поддржи воената кампања на Русија во Украина.

„Во Пекинг детално ги разгледавме нашите односи и перспективи за развој“, и рекол Путин на Чое, осврнувајќи се на разговорите што рускиот лидер ги имаше со Ким минатиот месец за време на прославите во кинескиот главен град по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна во Азија.

„Сè оди според планот. Ве молам испратете му ги моите најдобри желби“, рекол Путин.

Украина и Јужна Кореја проценуваат дека Северна Кореја распоредила повеќе од 10.000 војници во војната во Украина во замена за економска и воено-технолошка помош од Русија. Разузнавачката агенција на Јужна Кореја во септември процени дека околу 2.000 севернокорејски војници биле убиени во борбите.

Денес во Москва Чое разговараше и со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за билатералните односи и регионалната динамика во Азија.

Според руското Министерство за надворешни работи, двајцата министри се согласиле дека растечките тензии на Корејскиот Полуостров и во Североисточна Азија произлегуваат од „агресивните дејствија на Соединетите Американски Држави и нивните сојузници“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ