петок, 14 ноември 2025

Путин нареди изработка на план за експлоатација на ретките земни минерали во Русија

Рускиот претседател Владимир Путин ѝ наложи на владата да создаде мапа на патот за експлоатација на ретките земни минерали до 1 декември, според списокот со задачи на министрите објавен на веб-страницата на Кремљ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Путин му наложи на кабинетот и да преземе мерки за развој на транспортната инфраструктура на границите на Русија со Кина и Северна Кореја.

Ретките земни минерали, кои се користат во паметни телефони, електрични возила и воени системи, добија клучно стратегиско значење во меѓународната трговија, пишува агенцијата Ројтерс.

Во април, претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп потпиша договор со Украина, кој им дава на САД преференцијален пристап до нови украински рударски проекти, заедно со финансирање инвестиции во реконструкцијата на таа земја.

Русија изјави дека е заинтересирана и за соработка со САД на проекти за ретки земни минерали, но дека перспективите се ограничени поради недостигот на напредок во завршувањето на војната во Украина.

Кина, која е најголемиот производител на ретки земни минерали во светот, возврати на американските тарифи оваа година со ограничување на нивниот извоз.

Наредбата на Путин, која е резиме на заклучоците од Источниот економски форум одржан во Владивосток во септември, не содржи детали за планот на Русија за развој на секторот на ретки земни елементи.

Путин ѝ нареди на владата, меѓу другото,  да развие „мултимодални транспортни и логистички центри“ на границите со Кина и Северна Кореја.

Тој прецизираше дека двата постоечки железнички моста меѓу Русија и Кина треба да бидат вклучени во тие локации, како и планираниот нов мост кон Северна Кореја, кој, според него, мора да биде пуштен во употреба во 2026 година.

Соседите на Русија, Кина и Северна Кореја, ги продлабочија економските врски со Москва откако западните земји воведоа санкции врз Русија поради конфликтот во Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ