петок, 10 јули 2026
Човекот што би ја сменил Русија

Економист: По долг молк, проговори еден од најмоќните руски олигарси

Часовникот на кулата на Кремљ веќе беше означил полноќ на 28 мај 2025 година кога Андреј Мелниченко конечно бил повикан. Зградата била речиси празна, но нејзиниот најважен жител сè уште бил буден. Владимир Путин го поздравил гостинот и го поканил да седне покрај него, нудејќи му чај, пишува Економист.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Приближи се, Андреј“, му рекол љубезно Путин.

Погледот на Мелниченко се задржал на црвената папка што лежела пред рускиот претседател – претпоставил дека станува збор за досие за него, подготвено од безбедносните служби.

Мелниченко, слаб, висок човек со малку несмасно држење, е еден од најбогатите луѓе во Русија. Претходно се среќавал со Путин во друштво на други руски бизнисмени. Но ова беше првпат лично да побара средба со началството. Почна со тоа што се претстави.

Во изминатите 35 години изгради индустриска империја со огромни удели во производството на вештачки ѓубрива, рударството, енергетиката и логистиката. Сепак, секогаш се држеше подалеку од јавноста. Дури и Путин изгледаше изненаден кога слушна колкави се размерите на бизнисот на Мелниченко, чии компании создаваат речиси еден процент од рускиот бруто-домашен производ.

Мелниченко почнал да зборува за својата јавна улога, вклучувајќи ја и одговорноста за климатската политика во рамките на Рускиот сојуз на индустријалци и претприемачи, здружение на бизнисмени. Путин почнал да губи интерес. На Мелниченко му се чинело дека во неговите очи го чита прашањето: „Зошто си тука? Што сакаш од мене?“

„Дали некој те вознемирува?“, прашал Путин.

„Владимир Владимирович, искрено, разбирам дека луѓето обично доаѓаат кај вас од две причини. Или се плашат, имаат некаков проблем. Или сакаат нешто – функција, услуга… Што се однесува до стравот, секако дека се плашам, сто проценти, како и сите други. Зошто да го негирам тоа? Не се плашам од ништо конкретно, освен ако нема нешто во вашата папка. Но, ако има, ве молам кажете ми, барем да знам од што треба да се плашам.“

Путин се насмевнал. Директноста на Мелниченко го привлекла неговото внимание.

„Што се однесува до амбицијата“, продолжил Мелниченко, „мојата амбиција беше да изградам глобална компанија за производство на вештачки ѓубрива, една од најголемите во светот, која ќе работи на секој пазар и нема да зависи од ниту една држава… Сакав да изградам глобална компанија едноставно затоа што ми беше интересно.“

На Мелниченко му се чинеше дека во очите на Путин го чита прашањето: „Зошто си тука? Што сакаш од мене?“

Но потоа „сето ова се случи“ – мислејќи на војната во Украина, санкциите и непредвидливоста на геополитиката.

„Се покажа дека светот не е таков каков што мислев. Не постои глобален свет. Не постојат глобални правила… Вие го сфативте тоа пред нас.“

Мелниченко, кој беше ставен под санкции во првите денови од војната, му раскажал на Путин како бил принуден сопственоста на ЕвроХем, тогаш втората најголема компанија за производство на вештачки ѓубрива во светот, да ѝ ја префрли на својата сопруга.

„Која е вашата сопруга?“, прашал Путин.

„Таа е Србинка“, му одговорил Мелниченко.

„Па, Србите се пристојни, чесни луѓе“, рекол Путин. „Нема да ви ја украде.“

Потоа Мелниченко преминал на главната причина за посетата. Сакал поактивно да се вклучи во јавниот живот и да работи за доброто на својата земја. Грешката на елитата, му рекол Мелниченко на Путин, била што ја одвоила сопствената судбина од судбината на Русија. Наводната гаранција на Западот за нивните имотни права за малку ќе ги чинела нивното богатство.

„Не можете да имате една земја за заработување пари, а друга за безбедност, иднината на вашето семејство и вистинскиот живот“, рекол Мелниченко, заблагодарувајќи му се на рускиот лидер што му помогнал да ја согледа вистината.

Путин бил задоволен. Со години ги предупредувал руските олигарси дека тие всушност не се добредојдени на Запад. Сега, еден од најистакнатите меѓу нив признал дека бил во право. Средбата траела повеќе од еден час, многу подолго отколку што очекувал Мелниченко.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Moises Rabinovici (@moisesrabinovici)


Мелниченко само пет минути ми зборуваше за посетата на Кремљ, во текот на речиси 60 часа разговори што ги водевме во изминатите три месеци, пишува Аркади Островски за Економист. Не сакаше да открие повеќе детали од средбата со Путин, но затоа со изненадувачка искреност ја раскажа приказната за својот подем, својата дијагноза за егзистенцијалниот предизвик со кој се соочува Русија и својата визија за иднината на земјата – визија што би можела да ја промени руската историја доколку успее да ја реализира.

Тој воопшто не наликува на повеќето бизнисмени чии амбиции ги наведуваат да мислат дека можат да влезат во политиката. На нашата прва средба во Истанбул дојде по 28-дневен пост за прочистување на телото и умот. Не држи лекции. Напротив, можев да го видам напорот што го вложуваше за своите мисли да ги преточи во зборови, користејќи го целото свое тело за да ги изрази. Имав впечаток дека дијалогот го користи за да ги проверува и обликува своите идеи.

Мелниченко студирал квантна физика и во себе ги носи навидум спротивставените импулси на таа дисциплина. Размислува системски, како физичар. Но истовремено напредува токму благодарение на суштинската непредвидливост на светот околу него. Секоја од тие особини е корисна сама по себе, а заедно го довеле до самиот врв на глобалниот бизнис. Можно е токму тие да му овозможат да одигра улога во преобликувањето на Русија и нејзиното место во светот, пишува Островски.

Во сржта на визијата на Мелниченко е идејата за суверенитет – не само на државата, туку и на елитите и граѓаните, кои под власта на Путин беа исклучени од учеството во политичкиот живот на својата земја.

Безбедносниот естаблишмент секоја независност ја гледа како закана. Иницијативата што доаѓа од некој надвор од системот – а особено од богат бизнисмен – може да се сфати како директен предизвик. Мелниченко добро ги разбира тие опасности.

„Секој чекор што оди подалеку од тивкото прифаќање носи ризик“, вели. „Природно е човек да ја наведне главата. Но влогот е преголем и ако не учествувате, сами се исклучувате од сопствената иднина.“

Мелниченко релативно доцна се вклучува во размислувањата за управувањето со руската држава. Иако беше најбогатиот човек во Русија кога Путин ја нападна Украина во 2022 година, неговото име не е широко познато ниту во земјата ниту во странство. Во изминатите дваесет години кон Русија се однесуваше како странски инвеститор, доаѓајќи само по неколку недели годишно за да ги провери своите компании. Остатокот од времето го минувал во Швајцарија или пловејќи низ светот со својата јахта. Делумно затоа што сакал да живее како и другите меѓународни милијардери. Изградил блиски односи со технолошки магнати како Лери Елисон, со лидерите на Обединетите Арапски Емирати и со дворот на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.

Фото: ЕПА

Но тоа било и последица на договорот што Путин го склучил со олигарсите кога дојде на власт: држете се подалеку од политиката и ќе можете да го задржите своето богатство и да уживате во животот во странство. Наместо нив, со државата управувале силовиците – луѓе потекнати од безбедносните служби.

Кога Путин ја нападна Украина, светот очекуваше руските богати и моќни луѓе јавно да се спротивстават на војната. Но тие молчеа. Западот им воведе санкции, делумно со намера да извршат притисок врз Путин. Но тоа покажуваше недоволно разбирање за тоа како функционира власта во Русија – деловната елита одамна се откажала од какво било влијание врз политиката.

И самиот Путин стравувал дека олигарсите ќе го предадат. Наместо тоа, санкциите повторно ги турнале во неговата прегратка. Но кога се вратиле, покрај парите ги вратиле и своите интереси и амбиции. Првото нешто што ми го рече Мелниченко кога ги започнавме разговорите пред три месеци беше:

„За првпат чувствувам дека немам друга земја освен Русија.“

Со оглед на воздржаноста на неговите врсници, зачудувачки е што најзагадочниот руски олигарх, живеејќи во Москва, е подготвен јавно да истапи и своите ставови да ги каже со име и презиме.

Мелниченко не е дисидент. Тој не е ниту херој што се спротивставува на војната, ниту фанатичен поддржувач на војната. Компаниите што ги управува придонесуваат за функционирањето на воената економија. Амонијакот произведен во неговите фабрики се користи за производство на муниција. Тој соработува со вооружените сили во одбраната на своите фабрики од напади со беспилотни летала и со безбедносните служби за спречување саботажи. Избегнува идеолошки и морални оценки, бидејќи смета дека тие го одвлекуваат вниманието од задачата да се создаде систем што ќе функционира.

Безбедносниот естаблишмент секоја независност ја гледа како закана. Иницијатива што доаѓа од некој надвор од системот – а особено од богат бизнисмен – може да се сфати како директен предизвик

Тој не се обидува да ѝ се спротивстави на постојната структура на власта. Напротив, ѝ ги нуди своите услуги на државата и се надева дека ќе стане еден од архитектите на промените. Неговиот професионален пат покажува дека не е заинтересиран за директно управување. Во своите компании бил неизвршен член на управните одбори, а понекогаш им дозволувал на главните извршни директори да донесат одлука спротивна на неговата. Неговата сила отсекогаш била во тоа да ги обединува различните интереси за да создава системи што ги претвораат природните ресурси во производи – градејќи пристаништа и железници, произведувајќи ѓубрива и создавајќи електрична енергија. Верува дека токму тешко стекнатото владеење со физичкиот свет му го дава трезвениот поглед што им недостига на идеолозите.

Војната во Украина сега трае подолго отколку што траеше учеството на Русија во Втората светска војна. Мелниченко се активира во момент кога Москва за првпат од 1942 година се наоѓа под директни воени напади. Украинските напади врз руските рафинерии предизвикаа сериозен недостиг од гориво. Беспилотните летала погодуваат индустриски и воени објекти длабоко на руска територија, одземајќи му на Кремљ дел од ореолот на непобедливост. Економијата е под силен притисок. Веќе извесно време елитите чувствуваат дека земјата стигнала до тупик – ќор-сокак. Сега, кога војната стигна и на домашен терен, се појави нов бран незадоволство.

Тоа значи дека конфликтот би можел опасно да ескалира.

„Војната во Украина недвосмислено се доживува како војна меѓу Русија и Западот“, рече Мелниченко.

Тој смета дека постои загрижувачки голема веројатност конфликтот да се прелее и во други земји. Не ја исклучува ниту можноста за употреба на нуклеарно оружје. Тоа е исход што очајно сака да го избегне.

„Без оглед на причините што нè доведоа до ова – дали едните биле во право или другите грешеле – мора да ја признаеме реалноста: сега сме на непознат терен.“

Мелниченко не се плаши од хаосот – тој го гледа како лабораторија во која може да се тестира како градител на системи. Своето богатство го создаде додека современа Русија се раѓаше од урнатините на Советскиот Сојуз. Отсекогаш бил чекор пред промените, препознавајќи вредност таму каде што другите ја потценувале. Денес сè повеќе се чувствува потреба од ред, предвидливост и визија за иднината.

„Луѓето не се плашат од слободата. Луѓето се плашат од хаосот“, рече Мелниченко.

Однадвор режимот изгледа неразнишлив. Но така изгледал и во 1913 година, како и во 1986 година. И двете власти паднале само неколку години подоцна.

Важно е да се разбере приказната на Мелниченко од две причини: прво, затоа што најверојатно ќе стане фактор што нема да може да се игнорира; и второ, затоа што таа покажува дека станува збор за исклучително педантен стратег, кој трпеливо планира и решително дејствува. Досега, секогаш го добивал она што го сакал.

Мелниченко е роден во 1972 година во Гомељ, вториот по големина град во Белорусија, во семејство на советската интелигенција. Неговиот татко бил физичар и полупрофесионален кошаркар, а мајка му, Украинка по потекло, предавала руски јазик и книжевност во локалното музичко училиште.

Во пролетта 1986 година, кога Мелниченко имал 14 години, експлодирала нуклеарната централа во Чернобил, оддалечена околу 160 километри од Гомељ. Чернобил за него претставувал и катастрофа и ослободување. Тој и неговите соученици биле евакуирани во напуштена воена база во Литванија, каде што до неодамна биле складирани нуклеарни ракети со краток дострел.

„Тоа беше најслободното и најинтересното лето од моето детство: без родители, без училиштен надзор, целосна слобода. Можевме да ползиме низ ракетните силоси, од кои многу сè уште не беа затворени, да талкаме низ подземните премини. Беше опасно, возбудливо, а тоа им се допаѓаше и на девојките.“

Чернобил, исто така, беше катализатор на гласноста (отвореноста) во Советскиот Сојуз. Откако пропаднаа обидите да се прикрие вистинскиот обем на катастрофата, културата на тајност и страв почна да се распаѓа. Списанијата почнаа да објавуваат претходно забранети текстови за сталинистичките репресии.

„Ги гледав наставниците како буквално во движење ја менуваат сопствената интерпретација на историјата.“

Во Советскиот Сојуз постепено почнале да доаѓаат странци и странски производи. Како тинејџер, Мелниченко купувал западна облека и електроника од Полјаци и Унгарци, а потоа ги препродавал на уличните пазари во Гомељ.

Мелниченко бил исклучително талентиран ученик и бил запишан во напредна програма по математика и физика. На 15-годишна возраст заминал во водечкото советско училиште за математика, кое работело при Московскиот државен универзитет. За разлика од поголемиот дел од советскиот образовен систем, тоа училиште навистина функционирало според заслуги. Најдобрите ученици, меѓу кои бил и Мелниченко, продолжувале да студираат физика на Московскиот државен универзитет. Другите се обучувале за криптографи на академијата на КГБ.

Студиите на Московскиот државен универзитет го обликувале неговиот поглед на светот. Специјализирал квантна статистика и теорија на полиња, која ги проучува субатомските честички и нивното однесување.

„Во квантниот свет ништо не е сигурно и сè е веројатност. Реалноста е променлива“, објаснува тој. „Ако нешто го побие вашиот поглед на животот – некој настан, појава или што било друго – тоа не е трагедија, туку можност. Јас не сум крут. Утре можеби ќе верувам во нешто сосема поинакво од она во што верував завчера.“

Таквиот начин на размислување бил идеален за земја што минувала низ длабоки потреси.

Во пролетта 1989 година присуствувал на политички митинзи и рок-концерти на западни групи, меѓу кои и Скорпионс, чија песна Winds of Change стана химна на слободата. Со еден пријател купувал билети за концертите на Пинк Флојд преку вработени во билетарниците на театрите – цените сè уште ги определувала државата – а потоа ги препродавале преку мрежа студенти со огромна заработка.

Со оглед на молкот на неговите врсници, зачудувачки е што најзагадочниот руски олигарх е подготвен јавно да истапи

На Московскиот државен универзитет Мелниченко запознал девојка по име Лариса, својата прва љубов.

„Беше убава, интелигентна и пет години постара од мене.“

Лариса студирала музика и пеела џез. Иако бил убеден дека и таа го сака, во пролетта 1990 година одеднаш исчезнала. Подоцна една нејзина пријателка му кажала дека се омажила за богат московјанец и дека чека дете.

Бил скршен, но приказната добила неочекуван пресврт.

„Две години по нејзината свадба повторно ја сретнав Лариса. До тогаш веќе бев друг човек. Имав пари, статус и самодоверба.“

Ја обновил врската со неа – но само затоа што сакал да ја повреди. Мелниченко си ја добил одмаздата.

„Тоа веројатно беше најсрамното нешто што го направив во тие години и за тоа немам никакво оправдување.“

Приказната со Лариса го научила на две работи: одмаздата, колку и да изгледа примамлива, повеќе го понижува оној што ја спроведува отколку оној кон кого е насочена. Втората лекција била дека Москва е опседната со парите.

Колапсот на планската економија и наглото осиромашување на населението создале огромна побарувачка за магионичарски претстави и коцкање, бидејќи луѓето очајно барале чудо. Игри со карти, играта со чашки и топче и лотарии, организирани од измамници, никнувале насекаде. Мелниченко и еден негов пријател препознале деловна можност.

„Го набљудувавме тоа, рационализиравме делови од системот, цинично го поедноставивме и, во суштина, го направивме поефикасен.“

Играта на Мелниченко била осмислена така што предноста секогаш ја имал организаторот, но сепак им овозможувала и на играчите да добиваат. Тој сфатил дека, ако сака бизнисот да опстане, и клиентите мора да почувствуваат дека имаат корист.

Правилата биле едноставни. Играчот извлекувал десет стапчиња од вкупно шеесет. Секое стапче било означено со број од еден до десет, а збирот потоа се споредувал со табела за исплата за да се утврди дали играчот освоил награда.

„Се грижевме нашите оператори строго да ги почитуваат правилата. Надежта што ја продававме беше вистинска.“

Тоа ја зголемило популарноста на играта, иако, како што вели, „добро разбиравав кој од кого заработува“.

За да избегне затворање на бизнисот, Мелниченко морал да ги придобие властите. Дозволите за организирање лотарија ги добил претставувајќи ја како добротворна фондација. Подоцна навистина била регистрирана како добротворна организација, а целта била наведена како „зајакнување на односите со оние што ги издаваат дозволите“.

Многу поголем проблем биле криминалните групи што ги рекетирале фирмите. За да ја спречи таа „неправда“, Мелниченко се потпрел на пријател чиј татко бил директор на полициска академија во Волгоград.

„Зошто да преговарате со гангстери кога има доволно полуобучени полицајци?“

Ангажирањето на тие полицајци го ослободило од потребата да плаќа рекет за „заштита“, а тие истовремено помагале и во одржувањето на редот меѓу толпата, „која може да се разочара од својот финансиски резултат и да ве удри в лице“.

Преку својот бизнис, Мелниченко изградил мрежа на луѓе што напредувала заедно со него. Многу од студентите на Московскиот државен универзитет што работеле на лотаријата подоцна станале државни функционери и бизнисмени што и денес се дел од неговиот круг. Полициските кадети, пак, денес заземаат високи позиции во безбедносните служби.

Мелниченко ангажирал друг студент да го води секојдневното работење, додека тој одел на предавања и, како што самиот вели, „размислувал за работите“. Тоа отсекогаш била неговата омилена улога.

„Секогаш бев лидер, но речиси никогаш во првиот план.“

Неговиот ненаметлив стил се оформил уште во летните кампови што ги посетувал како дете, каде што најсилните момчиња биле и најпопуларни.

„Во моментот кога ќе се обидете да ја наметнете сопствената агенда, колку и да е благородна, неизбежно ќе разбудите желба кај некое помалку промислено, но физички посилно момче… да ве удри во око.“

Така научил да биде дипломат.

„Никогаш не сум го сакал насилството како средство за постигнување цел. Најдобро е луѓето да ги придобиете така што ќе им предложите цели што самите не ги согледале или не верувале дека можат да се постигнат.“

До крајот на првата година од студиите, Мелниченко веќе возел лада. До крајот на втората година ја заменил со мерцедес. Имал 40 лотариски пунктови низ Москва.

Лотаријата носела постојан прилив на рубли, но тие секој ден губеле вредност поради високата инфлација. Затоа заработката ја претворал во американски долари – активност што тогаш сè уште била незаконска надвор од официјалните канали. До долари доаѓал преку кинески и американски студенти што, благодарение на своите врски со иселеници, имале пристап до американската валута.

Тие контакти подоцна прераснале во пријателства. Еден од нив станал висок функционер во кинеската влада, а неговиот син денес раководи со канцеларијата на Мелниченко во Шангај. Американецот, пак, станал член на Конгресот на САД.

Вишокот долари им ги продавал на други млади претприемачи. Така ја отворил својата прва неформална менувачница во студентски дом на Московскиот државен универзитет.

Летото 1991 година Мелниченко го поминал на Крим. Недалеку од него, Михаил Горбачов бил држен во притвор од КГБ во последниот обид да се зачува Советскиот Сојуз.

Мелниченко почувствувал дека тоа се последните грчеви на системот.

„Не чувствував ниту страв ниту еуфорија – само чувство дека забрзано се одвива еден неизбежен процес.“

Кога се вратил во Москва, направил нешто што само неколку недели претходно би било незамисливо. Убеден дека стариот систем е веќе празна школка, ја рекламирал својата нелегална менувачница во весник.

Ризикот се исплател и бизнисот брзо почнал да расте. Конечно ги напуштил студиите и ја затворил лотаријата.

Она што сега го сакал било своето работење да го легализира – што не било лесно ако сте 20-годишник без врски во државниот апарат. Но она што го имал била дрскост и извонредна способност да ја стекнува довербата на постари луѓе, од генерацијата на својот дедо.

Мелниченко не се плаши од хаосот – тој го гледа како лабораторија во која може да се тестира како градител на системи

По шест месеци Мелниченко почнал сопствен бизнис, а новата банка ја нарекол Московски деловен свет (Московски деловој мир), скратено МДМ.

Во меѓувреме, руската политика западна во хаос. Во 1993 година земјата ја потресе уставна криза, кога комунистите и ултранационалистите кренаа бунт против претседателот Борис Јелцин. На улиците се пукаше. Мелниченко зел пиштол и излегол надвор – не за да учествува, туку за да набљудува.

„Русија во деведесеттите беше мотор на забрзувањето – истовремено ги уништуваше луѓето и создаваше нови“, вели Мелниченко.

Правилата биле флексибилни, а успехот или неуспехот зависеле од тоа колку брзо умеете да се приспособите.

„Ако можевте да размислувате малку побрзо од другите и малку подобро да ги формулирате работите, успевавте.“

Во 1992 година владата ја започнала најголемата приватизација во историјата. Многу од пријателите на Мелниченко станале сопственици на компании што претходно биле во државна сопственост, а тој бил нивен банкар, пишува Економист.

Мелниченко набљудувал од страна како најголемите руски олигарси меѓусебно се борат за проширување на своите лични феуди, наместо своето богатство и енергија да ги вложуваат во подобрување на државата.

Во 1998 година Русија прогласи неможност за отплата на државниот долг и ја девалвираше рубљата. Многу олигарси беа тешко погодени и загубија огромни суми. Мелниченко, кој своите приходи навреме ги претворил во странска валута, не само што не претрпел штета, туку излегол уште посилен.

Додека другите руски банки пропаѓале, тој привлекол дел од најголемите компании во земјата како свои клиенти. Една од нив му припаѓала на Роман Абрамович, кој во меѓувреме стана дел од најтесниот круг околу Јелцин.

„Остави силен впечаток врз мене. За првпат видов вистински стратег – дисциплиниран, трпелив и систематичен.“

Мелниченко тогаш, како што самиот вели, „разбрал како навистина функционира власта во Русија“. Сфатил дека таа не произлегува од официјалните државни функции, туку од неформалните мрежи во кои единствено важни се довербата и лојалноста.

Видел како Абрамович изградил контакти насекаде – од регионални гувернери до семејството на Јелцин – и влијаел без демонстрација на сила.

„Луѓето што го сочинуваа неговиот ‘колектив’ не ни сфаќаа дека се дел од еден единствен план… кој постоеше само во неговата глава. Абрамович како да не беше никаде, а многу брзо беше насекаде. Од еден момент“, некаде околу пролетта 1999 година, „во Русија повеќе немаше олигарси. Го имаше само Абрамович.“

Мелниченко не сакал да биде дел од туѓ систем, ниту го интересирала политиката. Наместо тоа, сакал да изгради индустриска империја.

Во 1999 година го ангажирал Александар Мамут, човек со силни политички врски, за претседател на својата банка.

„За една година ги запознав буквално сите што требаше да ги познавам.“

Абрамович одиграл клучна улога во организирањето на трансферот на власта од Јелцин кон Путин. И Мелниченко сфатил дека тоа означува крај на една епоха. Тој понудил стотици илјади долари за да привлече опозициски кандидати во партијата на Путин, а по изборот на Путин за претседател во 2000 година добил лично писмо со благодарност од него.

Во почетокот на истата година Мелниченко заминал на Хималаите.

„Сакав мирно да размислам за сè.“

Имал пари, политички врски и јасна цел – да консолидира дел од најголемите индустриски ресурси во земјата. Го интересирале три сектори: производството на метални цевки, производството на минерални ѓубрива и ископувањето јаглен.

„Сè беше дел од единствена стратегија.“

На прв поглед, секој од тие сектори изгледал безнадежно. Извозните цени на руските суровини биле на историски минимум, земјоделството било во катастрофална состојба, а домашните цени на електричната енергија и природниот гас вештачки биле одржувани многу ниско. Многу домашни потрошувачи воопшто не ги плаќале сметките, знаејќи дека никој нема да ги исклучи.

„Во квантниот свет ништо не е сигурно, а сè е веројатно. Ако нешто го побие вашето гледиште за животот, тоа не е трагедија – туку можност“

Но Мелниченко имал своја хипотеза: дека економскиот раст на Кина ќе создаде нова побарувачка за јаглен, а истовремено ќе ја зголеми потребата од храна од Северна и Јужна Америка, што ќе доведе до поголема побарувачка за минерални ѓубрива. Внатрешните реформи, според него, ќе воспостават реални цени на енергијата, а потрошувачите ќе почнат целосно да ги плаќаат сметките. Растот на цените на нафтата и гасот ќе создаде домашна побарувачка за метални цевки, додека старото железо, главната суровина за нивно производство, било евтино и лесно достапно.

Мелниченко започнал со јагленот: купувал потценети рудници и ги поврзувал со железнички јазли, пристаништа и електрани. Во источниот дел на земјата изградил извозен терминал на крајот од недоволно искористена железничка линија – советски мегапроект долг 4.345 километри, кој се протегал од Сибир до Пацификот.

Главните домашни потрошувачи на јаглен биле производителите на електрична енергија. Анатолиј Чубајс, архитектот на руската приватизација, во 1998 година бил назначен за директор на електроенергетскиот монопол РАО УЕС, со задача да го разгради еден од последните столбови на централизираниот економски систем и да воведе конкуренција. Мелниченко го посетил за да се претстави.

„Верувам дека вашата реформа ќе успее“, му рекол.

Фото: Инстаграм

Чубајс бил навикнат да разговара со агресивни малцински акционери или со олигарси што барале услуги. Човекот што седел пред него бил толку љубезен што, како што подоцна се присетил Чубајс, „личеше на ученик што влегол во наставничката канцеларија за време на одморот“.

Потоа Мелниченко додал уште нешто.

„Обезбедивме 2,5 милијарди долари и купивме 15 проценти од вашите акции.“

Чубајс останал запрепастен, мислејќи дека не слушнал добро. Тоа го правело Мелниченко најголемиот поединечен инвеститор во РАО УЕС. Чекал новиот сопственик да ги изнесе своите барања.

Но немало никакви барања.

Додека Мелниченко се подготвувал да си замине, Чубајс не можел да се воздржи.

„Андреј, зошто дојдовте? Имате ли некаква желба?“

„Не. Само дојдов да ве информирам“, одговорил Мелниченко.

Потоа си заминал.

Во следните седум години не побарал ниту една единствена услуга.

„Тоа беше исполнување на мојот сон“, вели Чубајс. „Тој беше нов тип индустријалец.“

За само две години Мелниченко, чие име дотогаш речиси и не било познато надвор од деловните кругови, станал еден од водечките руски индустријалци.

„Сè се случи многу брзо. Никој не можеше да сфати што правиме. Дури кога сè беше завршено, стана јасно.“

Во 2002 година рускиот весник Независимаја газета цитирал еден западен бизнисмен што рекол:

„Има 30 години и сака да владее со светот.“

До 2004 година неговиот план бил целосно реализиран. Групацијата МДМ обединила 50 претпријатија во три компании: Компанијата за производство на метални цевки ТМК, компанијата за минерали и хемикалии Еврохем и Сибирската јагленска енергетска компанија СУЕК.

Електраните го снабдувале рускиот пазар, јагленот се извезувал во Азија, а Еврохем бил насочен кон западните пазари.

Како што рекол неговиот стар пријател Спајкерман, тој станал „глобалист по сопствен дизајн“.

Додека Мелниченко ги консолидирал своите индустриски средства, Путин и безбедносните служби ја воспоставувале својата контрола врз елитата и ги елиминирале независните центри на моќ.

Новиот лидер ги оттурнал настрана повеќето олигарси. Во 2003 година го уапси Михаил Ходорковски, политички амбициозниот сопственик на Јукос, тогаш најголемата руска нафтена компанија, и ја презел неговата компанија.

„Ни беше кажано дека не треба да се занимаваме со ништо друго освен со сопствениот бизнис“, се сеќава Мелниченко.

„Всушност, од вас изрично се очекуваше да не се мешате.“

Таквиот договор нему му одговарал, како и на повеќето негови колеги.

До почетокот на 2000-тите нивните погледи веќе биле насочени кон странство.

„Истиот импулс што некогаш ме одведе од Гомељ во Москва, сега ме туркаше кон Њујорк, Лондон и Париз“, вели Мелниченко.

Дел од таа промена била и неговата одлука да се ожени.

На личниот живот му пристапил исто толку систематично и промислено како и на бизнисот.

„Како кинеските династии. Немаше никаква случајност. Апсолутно никаква.“

Ја избрал својата идна сопруга уште пред воопшто да ја запознае.

Александра Николиќ, позната како Сандра, била пет години помлада од него. Пораснала во поранешна Југославија. Нејзиниот татко бил српски архитект, а мајка ѝ хрватска уметница.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Vladimir Simic (@vladimirsimic1)


Како една од најпопуларните пејачки на Балканот и манекенка со диплома по меѓународен менаџмент, таа била убава, славна и интелигентна.

Воедно претставувала и негов влез во европското високо општество.

На нивната прва средба во Антиб, Мелниченко веднаш ѝ кажал дека планира да се ожени со неа.

Таа била затечена, но тој бил целосно уверен во својата одлука.

„Во моментот кога ја видов, знаев дека сè што претходно сум слушнал за неа е вистина – и многу повеќе од тоа. Веднаш се вљубив.“

Шест месеци подоцна почнале да живеат заедно, а две години потоа се венчале.

Свадбата чинела 30 милиони долари.

За 300-те гости готвел Ален Дикас, готвач награден со Мишелинови ѕвезди, а настапиле Витни Хјустон, Кристина Агилера и Енрике Иглесијас.

Во времето на свадбата Мелниченко веќе не бил даночен резидент на Русија.

Во 2004 година се преселил во Франција, а подоцна и во Швајцарија, и се повлекол од секојдневното управување со своите компании.

Таквиот живот му одговарал.

„Работев многу напорно, практично уште од детството. Само сакав да живеам… Да речеме вака – немав никаква желба да го подобрувам светот.“

Мелниченко не сакал да биде дел од туѓ систем, ниту го интересирала политиката. Наместо тоа, сакал да создаде индустриска империја

Дотогаш неговото познавање на западниот бизнис било претежно теоретско.

Постоел само еден начин тоа да стане практично знаење:

„Да почнете да живеете онака како што живеат луѓето какви што сакате да станете, да го поминувате времето како нив и одблизу да видите како навистина се носат одлуките.“

Мелниченко му нарачал јахта на познатиот дизајнер Филип Старк, давајќи му целосна креативна слобода.

Јахтата била долга 119 метри и тешка 6.000 тони.

Нејзиниот нос бил обликуван како клун на орел, а низ морето се движела речиси без бранови, „како кит“.

Фото: ЕПА

Бродот, наречен А, според првата буква од неговото и името на сопругата, испловил во 2008 година.

Тој бил негова визит-карта и симбол на живот без ограничувања од граници и националност.

Со него го обиколувал светот, поминувајќи осум месеци годишно на море.

„Ние градевме глобална Русија интегрирана во светската економија и западните институции.“

Токму на палубата на јахтата почнал да ја осмислува својата глобална инвестициска стратегија.

Во 2011 година изработил план во наредните 15 години да инвестира 35 милијарди долари во купување средства низ светот и изградба на нови фабрики во Русија.

„Не извлекував големи дивиденди. Инвестирав долгорочно.“

Планот успеал.

Но светот за кој бил создаден наскоро почнал да се распаѓа.

Во 2008 година, кога Путин направи четиригодишна пауза од претседателската функција, во Русија почнале да се развиваат две спротивставени тенденции.

По години економски раст и високи цени на нафтата, земјата се модернизирала и економски и општествено.

Созревала првата генерација родена по распадот на Советскиот Сојуз.

Тие сакале да бидат граѓани, а не поданици, и биле отворени кон меѓународните влијанија.

Но Путин, кој и како премиер продолжи да ја има вистинската власт, сфатил дека интеграцијата со Западот ќе го поткопа рускиот политички систем.

Тоа ќе ја загрозело неговата моќ, моќта на силовиците и неговата намера повторно да изгради руска сфера на влијание, налик на Советскиот Сојуз.

Кога во 2012 година се врати во Кремљ, го пречекаа масовни протести на руската средна класа.

Во тој момент, тој свесно одлучил земјата да ја насочи кон пат на конфронтација.

Додека Мелниченко ги проширувал своите хоризонти, Путин почна да ја изолира Русија и повторно да ги оживува симболите на империјата. Ниту еден од нив не беше помоќен од Крим, кој го анектираше во 2014 година. Следуваа санкции, а Путин постепено почна да ја претвора Русија во тврдина – самодоволна, отпорна на надворешен притисок, со население држено под строга контрола.

Истата година Мелниченко го пресели седиштето на Еврохем во Швајцарија, каде што живееше. Тој не ја сфатил вистинската длабочина на тензиите меѓу Русија и Западот. На кризите гледал како бизнисмен – верувал дека тие се решаваат кога цената на конфликтот ќе стане превисока.

„Не мислев дека ќе отиде толку далеку. Не требаше да отиде толку далеку.“

Денес Мелниченко признава дека погрешил.

„Додека јас продолжував да градам меѓународна компанија, светот во кој таквите компании можеа да постојат веќе исчезнуваше.“

Потоа, во 2022 година, неговиот свет се распаднал.

На денот кога започна војната, Мелниченко бил во Москва на одамна закажана средба со Путин, заедно со други водечки руски бизнисмени.

Путин настапил самоуверено.

„За жал, нашата средба се одржува во необични околности, благо кажано, но ја планиравме однапред“, им рекол на присутните.

Никој од нив не очекувал рускиот претседател навистина да нареди напад. Сите се убедувале себеси дека до војна не може да дојде, бидејќи тоа би било катастрофа.

Сепак, никој не се спротивставил.

Мелниченко беше ставен под санкции на 9 март. Европската Унија тврдеше дека причината е тоа што бил дел од „најблискиот круг на Владимир Путин“.

Самата компанија Еврохем, сепак, беше изземена од санкциите, за да не се загрози светското снабдување со храна.

Мелниченко подоцна ги оспори санкциите пред Судот на правдата на Европската Унија, но неговите аргументи беа отфрлени.

Во меѓувреме, тој веќе презел свои мерки.

На 8 март, денот кога наполнил 50 години, се откажал од статусот корисник на фондовите што управувале со семејниот имот – куќи, авиони и јахти – и сопственоста ѝ ја префрлил на сопругата Сандра, државјанка на Европската Унија, која никогаш не живеела во Русија и немала руски пасош.

Неколку дена подоцна италијанската влада му ја запленила најновата јахта.

Но бирократијата на Европската Унија не била неговиот единствен проблем.

Според него, деловни партнери во Европа се обиделе да ја искористат неговата ситуација.

Првичната стратегија на Мелниченко била едноставно да ја преживее војната и да почека сè повторно да се врати во нормала.

„Имаше период во 2022 и 2023 година кога се обидував да играм според старите правила, бидејќи мислев дека сето ова е привремено.“

Се преселил во Дубаи и воспоставил блиски односи со елитата на Обединетите Арапски Емирати.

Пресвртот, како што вели, дошол по разговор со Такер Карлсон, тогаш еден од најгласните поддржувачи на движењето МАГА, во еден хотел во Дубаи, во пресрет на американските избори во 2024 година.

„По тој разговор стекнав јасен впечаток дека, ако Трамп победи, ќе ја прифати фрагментацијата на светот.“

Отприлика во истиот период, тој и други руски бизнисмени сфатиле дека војната нема брзо да заврши.

Бидејќи не се гледал крај на санкциите, почнале повторно да се враќаат во Русија, каде што ги чекала поинаква закана за нивниот имот.

Имотните права во Русија отсекогаш биле условни.

Но војната предизвикала бран на присвојување каков што не бил виден со децении.

Од 2023 година наваму, имот во вредност од околу 60 милијарди долари бил национализиран или префрлен на луѓе лојални на власта.

Тоа било најголемото прераспределување на сопственоста од масовната приватизација во 1990-тите.

„Додека јас продолжував да градам меѓународна компанија, светот во кој таквите компании можеа да постојат веќе исчезнуваше“

Во август 2023 година обвинителството побарало конфискација на Сибеко, сибирска електроенергетска компанија во сопственост на Мелниченко, тврдејќи дека нејзиното купување било резултат на измамнички договор со претходниот сопственик.

Две недели подоцна, Генералното обвинителство се повлекло, откако Мелниченко се согласил да ѝ донира средства на една „добротворна организација“.

Според лица запознаени со договорот, донацијата изнесувала 32 милијарди рубли (335 милиони долари) – истата сума што Мелниченко првично ја платил за Сибеко.

Добротворната организација била Сириус – училиште за талентирани деца, кое Путин особено го поддржува.

Мелниченко тогаш сфатил дека мора да обезбеди вистинска заштита на сопственоста во Русија.

Единствениот начин за тоа, според него, бил да стане дел од системот, да ги разбере различните интереси и да помогне во обликувањето на неговите цели.

„Ако сакате место на масата, мора нешто да направите.“

Како и секогаш, започнал со набљудување.

„Во 2023 година почнав да поминувам повеќе време во Русија и многу подлабоко да ја запознавам земјата.“

Разговарал со секого што имал свое гледиште и интерес.

„Со политичари, новинари, интелектуалци, либерали, националисти, комунисти.“

Можело да се случи наутро да појадува со Дмитриј Муратов, добитник на Нобеловата награда и основач на либералниот весник Новаја газета, кого властите го прогласиле за „странски агент“.

Вечерта, пак, да пие чај со националистичкиот филозоф Александар Дугин, кој ја величи војната.

Разговор по разговор, почнал да создава сопствена визија за тоа каква треба да стане Русија.

„Секој има различни интереси, но постои еден заеднички став – изгубена е јасната претстава за иднината.“

За голем дел од светот, сериозната расправа за иднината на Русија е невозможна сè додека трае војната.

За Мелниченко, пак, крајот на војната во Украина зависи токму од способноста да се замисли таа иднина – нешто што, според него, речиси никој ниту во Русија ниту на Запад не е подготвен да го направи.

Неговата визија не е идеолошка.

Тој не размислува низ категории како демократија и автократија, добро и зло, пријател и непријател, пораз и победа.

Неговите главни цели се создавање општествен консензус, враќање на стабилноста и работа во долгорочен интерес на Русија.

Мене ми опиша четири можни сценарија, вели Островски, а за сите смета дека се неповолни.

Во првото, Русија повторно би се интегрирала во западниот поредок, но само како периферна држава.

За Мелниченко тоа би било вазална положба.

Според него, понижената и поразена Русија речиси сигурно би создала нов реваншизам.

Второто сценарио е Русија трајно да западне во кинеската сфера на влијание како тампон-зона и снабдувач со природни ресурси.

Но тој смета дека ни Кина нема голем интерес за таков развој, бидејќи би морала да ги преземе товарот на руските проблеми и да се соочи со незадоволството на понижените Руси.

„Кина е задоволна да има корист од нерамноправниот однос, но не брза тој однос формално да го институционализира.“

Според него, единствената разлика меѓу овие две сценарија е кој ќе биде феудалниот господар.

Останатите две сценарија се уште позагрижувачки затоа што се сосема реални.

Русија би можела да западне во граѓански судир, во кој различни воени водачи би се бореле за ограничените ресурси.

Распарчената држава што располага со нуклеарен арсенал била најголемиот американски кошмар при распадот на Советскиот Сојуз – и останува таква и денес.

„Распаднатата Русија можеби звучи привлечно во политичките говори“, вели Мелниченко.

„Но од аспект на управувањето со ризиците, тоа е многу помалку привлечно.“

Четвртото сценарио, кое го промовираат безбедносните служби и за кое сериозно се разговара во Кремљ, претставува директна закана за Мелниченко и за руската елита: држава по моделот на Северна Кореја, заснована врз милитаризам, репресија, изолација, штедење на ресурсите и извоз на нестабилност.

„Русија заробена во менталитетот на постојана тврдина би ја претворила надворешната конфронтација во трајна алатка на внатрешната политика“, вели тој.

Единствената алтернатива на овие сценарија, според Мелниченко, е Русија да стане она што тој го нарекува „суверена држава“ – земја што пред сè се грижи за благосостојбата на своите граѓани и чие однесување е предвидливо за остатокот од светот.

Поимот „суверенитет“ во руската политика имал различни значења во изминатите три децении.

Јелцин зборувал за суверенитет за да покаже дека новата демократска Русија е различна од Советскиот Сојуз.

Една остроумна Русинка-филолог тогаш саркастично забележала дека таа идеја е апсурдна.

„Од кого точно Русија бара суверенитет – од поларните мечки?“, напишала во својот дневник.

Путин, кој тврдеше дека современата Русија е наследник и на Советскиот Сојуз и на Руската Империја, го користеше поимот суверенитет за да ја оправда доминацијата на државата над граѓаните.

Суверенитетот стана синоним за враќањето на Русија како голема сила, спротивставена на западниот либерален поредок.

Воедно, тој стана и синоним за личното владеење на Путин и за неговото право да ја наметнува својата волја врз поранешните советски републики.

За голем дел од светот, сериозната расправа за иднината на Русија е невозможна сè додека трае војната. За Мелниченко, пак, крајот на војната зависи токму од способноста да се замисли таа иднина

Тој, меѓутоа, зборот „суверенитет“ го користи поинаку – како способност на елитите што имаат вистински влог во државата самостојно да ја обликуваат нејзината иднина.

И граѓаните, смета тој, „можат да ја разберат важноста на личната одговорност – но само ако не им се нуди привид на учество, туку вистинска можност искрено да разговараат за реалните алтернативи“.

Според Мелниченко, големината на една држава нема никаква врска со политичките пароли.

Таа зависи од тоа дали државата ги штити слободата и сопственоста на своите граѓани „не како чин на добра волја, туку како своја обврска“.

Тој е убеден дека предизвиците со кои се соочува Русија се толку сериозни што бараат многу пошироко учество во носењето одлуки.

Во процесот, според него, треба да се вклучат бизнисмените, лидерите на граѓанското општество, националистите и технократите.

Сите тие имаат различни, па дури и спротивставени интереси, но би можеле да постигнат компромис – не затоа што се согласуваат меѓусебно, туку затоа што сите други можности би биле полоши.

Таквиот систем би претставувал олигархија во класичната смисла на зборот – власт на елитите.

„Внатрешната дебата за тоа каква треба да стане Русија е неизбежна – и ќе биде многу жестока.“

Главната цел, според него, е Русија да стане „место каде што луѓето сакаат да живеат затоа што навистина им се допаѓа – затоа што животот таму е подобар: побезбеден, посигурен, попредвидлив, попросперитетен и затоа што чувствуваат дека можат целосно да се реализираат“.

За Мелниченко, единствениот начин Русија да стане економски одржлива е да привлече луѓе од поранешните советски републики и да ги врати оние што ја напуштиле земјата.

Фото: Инстаграм

Неговата визија, интересно, многу потсетува на идејата што ја застапувал царот Фјодор Јоанович, синот на Иван Грозни и главен лик во една од најпознатите руски историски драми:

„Треба да ја направиме Русија толку пријатна за живот што никој повеќе да не сака да живее во странство. Тогаш никој нема да има причина да бега од нас.“

„Оваа Русија не мора да им биде удобна ниту на Западот ниту на Кина“, вели Мелниченко.

„Таа пред сè треба да се грижи за сопствените граѓани и да биде предвидлива и рационална кон надворешниот свет. Можеби ќе биде тежок партнер за Западот, но нема да биде црна дупка. Можеби ќе биде помалку погодна за Кина отколку како клиентска држава, но ќе биде побезбедна од големиот и нестабилен вазал.“

Неговите предлози, се разбира, се и во негова лична корист.

Очигледно е дека сака Русија да стане земја во која ќе има место и за него.

Ако земјата се претвори во Северна Кореја, неговите деца нема да имаат иднина таму.

Ако западне во граѓанска војна, неговото богатство нема да опстане.

Сè уште е прерано да се каже дали идејата на Мелниченко за „суверена Русија“ може да стане реалност. Веројатноста за тоа не е голема: ветераните што ќе се вратат од фронтот ќе ги зголемат општествените тензии, а незадоволството кај населението, кое чувствува дека со години живее под вонредна состојба без никаква корист, веќе е очигледно. Безбедносните служби нема лесно да се откажат од моќта, а истовремено се толку омразени што соработката со нив можеби ќе стане невозможна.

Тој сака Русија да стане „место што ќе ги привлекува луѓето затоа што навистина ќе сакаат да живеат таму – затоа што животот е побезбеден, посигурен, попредвидлив и попросперитетен“

Сепак, руската историја ретко се одвива според однапред напишано сценарио. Во елитата несомнено постои желба некој конечно јавно да го каже она што многумина веќе го мислат. Можеби ќе биде доволно само еден човек да го прекине молкот за да се отвори патот и за другите.

А лекцијата од историјата е дека најголемите пресврти во Русија секогаш започнувале од врвот. Како што рекол поранешниот руски премиер Јегор Гајдар: „Големите промени во Русија се случуваат подоцна отколку што мислиме, но порано отколку што очекуваме.“

И Мелниченко го знае тоа.

„Моментот на промената не може да се предвиди. Во историјата постојат мигови што едноставно се случуваат. Да се обидувате да ги забрзате најчесто е грешка. Единственото што можете да го направите е да набљудувате и да бидете подготвени.“ Тој не може да предвиди по кој пат ќе тргне Русија. Во моментов може само да го зголемува сопственото влијание и својата тежина. Неговиот начин на размислување и натаму е обликуван од квантната физика, во која и самото набљудување ја менува природата на појавите. „Токму појавувањето на набљудувач му дава смисла на светот.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ