четврток, 23 април 2026

Пленковиќ: Комеморацијата во Јасеновац беше прилика повторно да се осудат злосторствата на усташкиот режим

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ денес изјави дека комеморацијата по повод 81-годишнината од пробивот на затворениците од усташкиот логор во Јасеновац е можност уште еднаш да ги осудиме злосторствата на усташкиот режим и да покажеме почит кон жртвите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Нашата цел е да изградиме толерантно и инклузивно општество кое добро ја познава сопствената историја, болните страници од хрватската историја на 20 век, особено последиците од тоталитарните режими кои му направија толку многу зло на хрватскиот народ“, кажа Пленковиќ во воведниот дел од седницата на Владата.

Осврнувајќи се на вчерашната комеморација, на која присуствуваше заедно со неколку министри, Пленковиќ ја нагласи важноста на културата на сеќавање и апелираше до директорите на училиштата и наставниците што е можно повеќе ученици од цела Хрватска да го посетат Јасеновац за да дознаат за ужасите од Втората светска војна во најраната фаза од образовниот циклус.

Пленковиќ кажа дека од последното одбележување, споменикот „Цвијет“ на Богдан Богдановиќ е реставриран и дека се поставени нов комеморативен круг и плоча, како и дека следната година ќе бидат завршени и други инвестиции во патеки и пешачки мостови.

Тој истакна дека „владата ќе продолжи да ја поддржува работата на Спомен-зоната Јасеновац и да работи на зајакнување на културата на сеќавање“.

Вчера во Јасеновац со колона за сеќавање и пригодна програма беше одбележана 81-годишнината од пробивот на затворениците од усташкиот концентрационен логор од Втората светска војна.

На комеморацијата насловена како „Сеќавање за иднината“ под покровителство на хрватскиот парламент, беа претседателот на парламентот Гордан Јандроковиќ, премиерот Андреј Пленковиќ, додека во име на претседателот Зоран Милановиќ беше шефот на неговиот кабинет Орсат Миљениќ.

Комеморацијата во Јасеновац е посветена на пробивот на 600-те преостанати затвореници од Јасеновац на 22 април 1945 година, од кои околу 100 преживеале.

Концентрациониот логор Јасеновац бил логор на смртта и најголемото место за егзекуција во Хрватска. Формиран е за време на Втората светска војна како место за затворање, принудна работа и ликвидација првенствено на Срби, Роми, Евреи, но и Хрвати, антифашисти и други со цел да се создаде етнички чиста територија на квислиншката Независна Држава Хрватска.

Во тој логор, од август 1941 година до 22 април 1945 година, луѓето биле убивани поради нивната верска, национална или идеолошка припадност. Вклучувал логори во Брочице, Крапи, Јасеновац и Стара Градишка.

Јавната установа за спомен-обележјето Јасеновац собрала имиња на 83.145 жртви. Од нив 47.627 се Срби, 16.173 Роми, 13.116 Евреи, 4.255 Хрвати и 1.128 Бошњаци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ