среда, 1 јули 2026

Патници ги пропуштаат летовите поради новите контроли на ЕУ, чекаат во редици и до пет часа

Авиокомпаниите и аеродромите побараа привремено суспендирање на новиот биометриски систем за гранична контрола на Европската Унија за време на шпицот на летната туристичка сезона, предупредувајќи дека патниците ги пропуштаат летовите, а на некои аеродроми чекаат во редици и до пет часа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во писмо испратено до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, тие побараа да се овозможи привремено запирање на проверките, стравувајќи дека состојбата значително ќе се влоши во најпрометниот дел од летната сезона.

„Дојдовме до критична точка“, се наведува во писмото на здруженијата АЦИ Јуроп, кое ги претставува европските аеродроми, Ерлајнс фор Јуроп (A4E) и Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА).

Според нив, патниците веќе биле принудени да чекаат во долги редици надвор од терминалите и на отворените платформи, бидејќи граничните служби не можат доволно брзо да ги обработат податоците на патниците.

„Авиокомпаниите се соочуваат со полупразни авиони во моментот на затворање на излезите за качување, додека патниците се заглавени во редовите за гранична контрола“, се додава во писмото.

Во некои случаи авионите го одложиле полетувањето за да ги почекаат патниците, додека други морале да полетаат без нив. Според здруженијата, во периодите на најголем метеж редиците достигнувале и до пет часа.

Здруженијата ја повикаа Европската комисија да им дозволи на аеродромите „целосно да ги суспендираат“ проверките секогаш кога бројот на патниците ќе го надмине капацитетот на граничните служби во текот на јули и август.

Тие предупредија дека граничната полиција, аеродромите и авиокомпаниите се под „неподнослив притисок“ и побараа итна интервенција пред состојбата дополнително да се влоши.

Новиот систем, кој постепено се воведува од октомври минатата година, бара државјаните на земјите надвор од ЕУ при влез во Унијата да се регистрираат со отпечатоци од прсти и фотографија.

Сепак, неговата примена предизвика сериозни проблеми.

Грција веќе ги суспендираше биометриските проверки за британските патници до септември за да избегне застои во текот на летото.

Во мај француската полиција привремено ги укина дополнителните проверки во пристаништето Довер, а минатата недела директорот на аеродромите во Рим изјави дека и таму ќе мора привремено да се прекине примената на системот за патници од земји надвор од ЕУ за да се избегне хаос во летните месеци.

„Некои меѓународни патници повторно ги разгледуваат своите планови за патување во Европа поради можните огромни доцнења на границите“, предупредуваат здруженијата.

Според нив, тоа му штети на угледот на Европа, на европскиот туризам и на воздушната поврзаност.

Во писмото се наведува и дека, и покрај правилата што им дозволуваат на државите во одредени случаи да прескокнат дел од проверките, и натаму се создаваат „прекумерни редици“.

Фото: ЕПА

Здруженијата сметаат дека е потребна флексибилност за суспендирање на проверките и по септември, кога треба да престанат да важат привремените правила што овозможуваат прескокнување на дел од контролите.

Според нив, тоа треба да биде можно во „јасно дефинирани исклучителни околности“.

Се очекува европските аеродроми во јули и август да опслужат околу 40 милиони патници повеќе отколку во претходните два месеци.

„Европската комисија и земјите членки мора да ја земат предвид реалната состојба и предизвиците со кои ќе се соочи европскиот воздушен сообраќај во наредните недели“, се наведува во писмото.

Здруженијата заклучуваат дека можноста за привремено суспендирање на новите гранични проверки е неопходна сè додека не се обезбеди доволен број персонал и автоматизираните киосци за проверка не станат доволно сигурни.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ