Пред присутните високи гости и претставници на локалната заедница, оперативниот директор на Лидл Македонија, Рубријан Хаџиев, истакна дека овој проект е симбол на долгорочната посветеност на компанијата кон македонскиот пазар.
„Поставувањето на темелите во Струмица е важен чекор во реализацијата на нашата визија. Досега Лидл инвестираше повеќе од 200 милиони евра во модерна логистичка и продажна инфраструктура, градејќи систем кој носи вредност за сите. Секој наш маркет е новa можност за работни места и мост локалните добавувачи до нашата широка мрежа. Горди сме што минатата година извозот на македонски производи преку Лидл достигна 15,5 милиони евра, а со објекти како овој во Струмица, тие можности дополнително ќе растат“, изјави Хаџиев. Тој додаде дека Лидл останува посветен на воведување високи стандарди во малопродажбата, како и на инвестиции кои создаваат долгорочна вредност.
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, посочи дека ваквите инвестиции се јасен сигнал за подобрената деловна клима и довербата на странските инвеститори.
„Доаѓањето на еден од наjголемите светски брендови во трговиjата како што е Лидл многу значи за државата, за економијата на државата и за бизнис климата. Станува збор за инвестиција вредна повеќе од 200 милиони евра, која ќе отвори нови можности за економски раст и отворање нови работни места. Знам дека Лидл веќе извезува македонски производ и сакам да се заблагодарам за тоа. Убеден сум дека новиот маркет на Лидл во Струмица ќе придонесе не само за поголем избор и поквалитетна понуда за потрошувачите, туку и за дополнителен пласман на македонските производи, особено на земјоделските производи од струмичкиот регион. Како Влада сме благодарни и ќе продолжиме да ги поддржуваме сите инвестиции кои придонесуваат за развојот и конкурентноста на македонската економија“, нагласи Николоски.

Градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, изрази задоволство што светски бренд како Lidl го препознава економскиот потенцијал и претприемачкиот дух на регионот.
„Овој маркет е голема придобивка за Струмица. Тој значи нови вработувања и нови партнерства за нашите локални компании. Нашата општина останува отворена за соработка и поддршка на проекти кои го унапредуваат квалитетот на животот. Верувам дека ова е почеток на едно успешно партнерство кое ќе донесе долгорочен просперитет за нашите сограѓани“, истакна Јанков.
Директорот за недвижности на Лидл за Бугарија и Македонија, Бисер Инчовски, нагласи дека компанијата при изградбата на своите објекти применува најсовремени стандарди за одржливо градење, истовремено создавајќи вредност и за домашната економија.
„Новиот маркет во Струмица се гради според највисоките меѓународни стандарди за енергетска ефикасност и одржливост, со примена на современи технолошки решенија кои придонесуваат за заштита на животната средина. Посебно внимание посветуваме и на уредувањето на просторот, па дури 20 проценти од парцелата ќе бидат озеленети. Истовремено, особено ни е драго што во реализацијата на овој проект како изведувачи се ангажирани исклучиво домашни компании. На тој начин, покрај создавањето современ малопродажен објект, директно придонесуваме и за развојот на локалната градежна индустрија и македонската економија“, изјави Инчовски.






