среда, 9 јули 2025

ОН: Некои светски компании профитираат од војната во Газа

Експертка на Обединетите нации (ОН) наведе повеќе од 60 компании, вклучувајќи големи производители на оружје и технолошки фирми, во извештај во кој се тврди дека се вклучени во поддршка на израелските населби и воени акции во Газа, што таа го нарече „геноцидна кампања“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Италијанската адвокатка за човекови права Франческа Албанезе, специјална известувачка на ОН за окупираните палестински територии, го составила извештајот врз основа на повеќе од 200 поднесоци од држави, бранители на човекови права, компании и академици, објави Ројтерс.

Извештајот ги повикува компаниите да престанат да работат со Израел и бара правна одговорност за раководителите вклучени во наводни кршења на меѓународното право.

„Додека животот во Газа се брише од лицето на земјата, а Западниот Брег е под сѐ поголеми напади, овој извештај покажува зошто геноцидот на Израел продолжува: затоа што е профитабилен за многумина“, напиша Албанезе во документ од 27 страници. Таа ги обвини корпоративните субјекти дека се „финансиски поврзани со израелскиот апартхејд и милитаризам“.

Израелската мисија во Женева рече дека извештајот е „правно неоснован, клеветнички и дрска злоупотреба на нејзиниот мандат“. Ројтерс објави дека канцеларијата на израелскиот премиер и Министерството за надворешни работи не одговориле веднаш на барањата за коментар.

Израел ги отфрли обвинувањата за геноцид во Газа, повикувајќи се на своето право на самоодбрана по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени 1.200 луѓе, а 251 киднапирани, според израелските бројки.

Војната што следуваше во Газа, според Министерството за здравство, одзеде повеќе од 56.000 животи и ја претвори енклавата во урнатини.

Извештајот ги групира компаниите по сектори, како што се војска или технологија, но не прецизира секогаш дали се поврзани со населбите или нападите во Газа. Се вели дека околу 15 компании одговориле директно на канцеларијата на известувачката Албанезе, но нивните одговори не се објавени.

Компаниите вклучуваат производители на оружје како што се Локхид Мартин и Леонардо, чие оружје се тврди дека се користи во Газа. Исто така се именувани и добавувачите на тешка опрема Катерпилар и Хјундаи, чија опрема се тврди дека се користела за уништување на имотот на палестинските територии.

Катерпилар претходно изјави дека очекува неговите производи да се користат во согласност со меѓународното хуманитарно право. Ниту една од компаниите за кои станува збор не одговорила веднаш на барањата на Ројтерс за коментар.

Технолошките гиганти Алфабет, Амазон, Мајкрософт и ИБМ се наведени како „централни за израелскиот надзорен апарат и континуираното уништување на Газа“.

Алфабет претходно го бранеше својот договор од 1,2 милијарди долари за обезбедување дигитални услуги на израелската влада, велејќи дека тие не се насочени кон воени или разузнавачки операции.

Палантир технолоџис беше исто така наведена за обезбедување алатки базирани на вештачка интелигенција за израелската војска, иако не прецизираше како се користеле тие алатки.

Извештајот ја проширува претходната база на податоци на ОН за компании поврзани со израелските населби, која последен пат беше ажурирана во јуни 2023 година, додавајќи нови компании и разработувајќи ги наводните врски со конфликтот во Газа.

Извештајот в четврток ќе биде презентиран пред Советот за човекови права на ОН, составен од 47 члена. Иако Советот нема правно обврзувачки овластувања, случаите документирани од истрагите на ОН повремено се користеле во меѓународни кривични судења, според Ројтерс.

Израел и САД го напуштија Советот претходно оваа година, наведувајќи наводна пристрасност против Израел.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ