Иако некои веруваат дека победата на МОЛ во трката за НИС сега е доведена во прашање, српскиот претседател не се сомнева во тоа и тврди дека има важни вести. „Најновата вест е дека МОЛ е решен да ги продолжи разговорите и со Србија и со рускиот партнер и да ја заврши работата како што разговаравме во изминатиот период“, кажа Вучиќ.
Иако претходно нагласи дека Белград не може да се меша бидејќи мнозинските сопственици на НИС се Руси, Вучиќ сега најавува дека наскоро ќе биде потпишан меѓудржавен договор за продажба со Унгарците, чии детали сè уште не се целосно јасни.
„Не е лесно да се потпише бидејќи тие имаат некои тешки услови, а и ние имаме некои тешки услови за нив. Нашите се однесуваат на работата на Рафинеријата и на фактот дека не можеме да преземеме поголеми обврски отколку што имавме во однос на Русите“, објасни Вучиќ.
Иван Радак од Форбс Србија смета дека изјавите на Вучиќ откриваат несигурност. „Вучиќ е таков, никогаш нема да признае пораз, а камоли пропаѓање на договорот за НИС. Тој едноставно не може да си дозволи тоа. Го видовме синоќа говорот на неговото тело, ги видовме неговите пораки. Ова се пораки на некој чии бродови потонале. Некој што гледа дека бродот тоне, а нема многу што може да направи во врска со тоа. Преговорите ќе продолжат, но прашањето е дали ќе бидат завршени“, вели Радак.
Судбината на аранжманот би можела да ја одреди и дипломатијата, со оглед на тоа што Москва и Вашингтон се клучни играчи во продажбата на НИС, а Виктор Орбан беше сојузник и на Владимир Путин и на Доналд Трамп.
„Не може да се игнорира дека американскиот потпретседател отворено ја поддржа кампањата на Орбан и дека Доналд Трамп не изгледа премногу среќен што Маѓар победи на изборите. Ова би можело да влијае на тоа дали американската администрација ќе гледа позитивно на продолжувањето на договорот со МОЛ“, нагласува економистот и поранешен амбасадор Михаило Бркиќ.
Дополнителна неизвесност внесуваат најавите на новиот унгарски премиер Петер Маѓар за антикорупциските мерки, поради кои и МОЛ би можел да биде под лупа. „Петер Маѓар ги набљудува сите унгарски инвестиции во Србија за да утврди дали тие се спроведуваат според пазарните принципи или станува збор за стекнување политичко влијание на Виктор Орбан“, објаснува унгарскиот новинар Габор Бодиш.
Соговорниците на Н1 се согласуваат дека неизвесноста продолжува и дека договорот со МОЛ сè уште виси во воздух. Како прв чекор, Американците имаат рок до петок да одлучат за продолжување на лиценцата за работа на НИС, додека рокот за продажба истекува на 22 мај.






