Десничарската влада на Мелони беше еден од најблиските израелски сојузници во Европа, но во последните недели ги критикуваше неговите напади на Либан во кои се убиени стотици луѓе, а илјадници се ранети.
Израел минатата недела испука и предупредувачки истрели кон италијански војници кои служат во Либан во рамки на мандатот на Обединетите нации, при што е оштетено едно возило.
„Кога постојат нешта со кои не се сложуваме, постапуваме во согласност со тоа“, им кажа Мелони на новинарите на маргините на саемот на вино во Верона, на северот на Италија.
„Во контекст на актуелната ситуација, владата одлучи да го суспендира автоматското обновување на договорите за одбрана со Израел“, додаде таа.
Најавата на Мелони е уште едно дипломатско престројување на нејзината десничарска влада, и доаѓа еден ден откако го критикуваше другиот нејзин близок сојузник, американскиот претседател Доналд Трамп, поради неговите напади на папата Лео.
Извор запознаен со ситуацијата, кој сакал да остане анонимен, кажа дека Мелони ја донела таа одлука во понеделникот заедно со министрите за надворешни работи и одбрана, Антонио Тајани и Гвидо Крозето, како и потпретседателот на владата Матео Салвини.
Израелското министерство за надворешни работиго намали значењето на таа одлука.
„Немаме безбедносен договор со Италија. Имаме меморандум за разбирање од пред многу години кој никогаш немал никаква суштинска содржина. Ова нема да влијае на безбедноста на Израел“, се наведува во соопштението.
Мелони е на власт од 2022 година и ќе се соочи со општи избори до крајот на 2027 година.
„Ова е прегрупирање“, изјави за Ројтерс Лоренцо Кастелани, политички аналитичар на Универзитетот Луис во Рим.
„Таа стравува дека значаен дел од електоратот, дури и во рамките на централно-десничарскиот дел, би можел да стане многу критичен кон Трамп и Нетанјаху, како и кон економските последици на оваа војна со Иран“, додаде тој.
Италијанските опозициски партии долго време повикуваат на раскинување на тој договор со Израел.
Меморандумот, потпишан во 2003 година од страна на владата на тогашниот премиер Силвио Берлускони, стапи на сила во 2006 година и автоматски се обновувал на секои пет години, освен ако една од страните не се повлече.
Опфаќа области како што се набавки, обука, како и „увоз, извоз и транзит на одбранбена и воена опрема“.
Како што растат дипломатските тензии, Рим минатата недела го повика израелскиот амбасадор во знак на протест поради инцидентот во кој беа вклучени италијанските војници во Либан.
Потоа, во понеделникот, владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху го повика италијанскиот амбасадор „за да разговараат за ситуацијата во Либан“.






