вторник, 18 ноември 2025

Лидерите на 20 земји патуваат во Египет на самит за Газа

Во египетски Шарм ал Шеик на 13 октомври ќе се одржи самит за завршувањето на војната во Појасот Газа. Ќе учествуваат лидери на повеќе од 20 земји, објави канцеларијата на египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Меѓународниот самит, наречен „Мировен самит во Шарм ал Шеик“, ќе се одржи во понеделник, 13 октомври, во градот Шарм ал Шеик, под заедничко претседателство на претседателот Абдел Фатах ел Сиси и американскиот претседател Доналд Трамп“, се наведува во соопштението.

Според соопштението на самитот ќе присуствуваат лидери од повеќе од 20 земји, а целта е окончување на војната во Појасот Газа.

Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп претходно ќе го посети Израел, според медиумските извештаи. Посетата ќе трае околу четири часа и ќе вклучува средби со премиерот Бенјамин Нетанјаху и семејствата на израелските заложници, како и обраќање пред Кнесетот.

Инаку, американскиот пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф, е во Израел и денес се обрати пред илјадниците собрани на Плоштадот на заложниците во Тел Авив. Тој кажа дека чуда можат да се случат и дека заложниците што ги држи палестинската група Хамас се враќаат дома.

Си-ен-ен денес објави дека преостанатите израелски заложници кои се држат во Газа би можеле да бидат ослободени во недела навечер, изјави добро информиран извор, а ослободувањето ќе се случи на различни локации.

Виткоф кажа дека сите му должат длабока благодарност на американскиот претседател Доналд Трамп, додека присутните скандирале „Ти благодарам Трамп, ти благодарам Виткоф“, објавува Би-би-си.

„Сонував сон синоќа. Беше долго патување. Жалам што претседателот не беше тука, ќе му се допаднеше ова. Прво и најважно, сакам да му оддадам почит на народот на Израел. Вашата храброст и отпорност го инспирираа светот“, кажа Виткоф. Во своите забелешки Виткоф им се заблагодари на Трамп, на зетот на Трамп, Џаред Кушнер, на арапските и муслиманските лидери, на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и на семејствата на заложниците за нивната улога во обезбедувањето на прекинот на огнот во Газа.

По две години војна меѓу Хамас и Израел, со катастрофални човечки и материјални загуби, во Појасот Газа беше воспоставен прекин на огнот.

Медиумите објавија дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху немал шанси против Трамп – тој едноставно морал да се согласи на договор.

Кога Хамас се согласи да ги ослободи заложниците во рок од 72 часа – што беше клучно барање на Трамп – Нетанјаху се најде во неволја.

Трамп веднаш по соопштението на Хамас му наредил на Израел „веднаш“ да ги запре воените операции во Газа. Кога Нетанјаху се обидел да објасни зошто Хамас одолговлекува, американскиот претседател одговори дека е „премногу негативен“.

Прекинот на огнот во Појасот Газа официјално почна вчера напладне по локално време, кога израелската војска соопшти дека ги повлекла трупите назад на договорените линии за распоредување како дел од договорот со Хамас.

Агенцијата за цивилна одбрана во Газа денес соопшти дека повеќе од 500.000 Палестинци се вратиле во градот Газа од почетокот на првата фаза од примирјето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ