Откако Европската Унија одлучи постепено да престане да увезува енергија од Русија по руската инвазија на Украина во 2022 година, Москва почна да го зголемува извозот на нафта во Кина и Индија, кои сочинуваат 80 проценти од целиот руски извоз на сирова нафта.
Агенциите го цитираат Лавров дека посетата ќе се одржи во првата половина од годината, а весникот Ведомости цитира извори кои кажале дека тоа ќе биде во неделата по 18 мај.
Кинескиот претседател Си Џинпинг денес се сретна со Лавров, порачувајќи дека Кина е пријател на Русија и дека двете земји мора да си веруваат и да се поддржуваат една со друга, да ја продлабочат соработката и заеднички да ги заштитат своите интереси.
И претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп треба да се сретне со Си на 14 и 15 мај, како дел од неговата прва посета на Кина по осум години. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков одделно изјави дека Путин ќе ја посети Кина, но дека во моментов нема план за средба со Трамп таму.
Песков додаде дека Кремљ ќе го објави датумот на посетата навремено. Лавров на прес-конференција во Пекинг изјави дека Русија е подготвена да им помогне на Кина и другите земји погодени од кризата на Блискиот Исток со енергенси.
„Русија, секако, може да го надомести недостатокот на ресурси со кои се соочуваат Кина и другите земји кои се заинтересирани да соработуваат со нас на рамноправна и заемно корисна основа“, кажа Лавров на конференцијата. Тој додаде дека Русија и Кина имаат средства да избегнат она што го опиша како напори на САД да ги нарушат глобалните енергетски пазари со конфликтот на Блискиот Исток.
„Фала му на Бога, Кина и Русија ги имаат сите капацитети, вклучително и оние што веќе се користат, резервни капацитети и планирани капацитети за да избегнат зависност од такви агресивни, ризични потези што ја поткопуваат светската економија“, кажа Лавров.






