Соединетите Американски Држави и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари, а претседателот Доналд Трамп формално го извести Конгресот 48 часа подоцна, со што го активираше рокот кој истекува на 1 мај.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет во сведочењето пред Сенатот во четвртокот изјави дека двонеделното примирје го одложило рокот, а мерката од 1973 година му дава на претседателот 30-дневно продолжување со цел безбедност на војската за време на повлекување, пишува Си-ен-ен.
Некои од демократите во Конгресот предупредуваат дека рокот од 60 дена воопшто не требало да се применува бидејќи немало непосредна закана од Иран, додаваат американските медиуми.
Неименуван американски функционер изјави за Ројтерс дека двонеделното примирје кое почна на почетокот на април било за одложување на претстојниот рок. „Непријателствата кои започнаа во саботата, на 28 февруари, се сметаат за завршени“, кажа функционерот, објаснувајќи го ставот на администрацијата на Трамп. Тој додаде дека од почетокот на кревкото примирје пред повеќе од три недели, немало размена на оган меѓу американските вооружени сили и Иран.
Аналитичарите и претставници на Конгресот претходно изјавија дека очекуваат Трамп да го извести тоа тело за 30-дневно продолжување или едноставно да го игнорира рокот, тврдејќи дека прекинот на огнот го завршил конфликтот.






