Реконструкцијата на воените капацитети, вклучително и замена на ракетните позиции, лансерите и производствените капацитети за клучни системи за оружје уништени во неодамнешниот конфликт, значи дека Иран останува значајна закана за регионалните сојузници на Америка доколку претседателот Доналд Трамп го продолжи бомбардирањето. Тоа ги доведува во прашање и тврдењата за долгорочниот ефект од нападите на САД и Израел врз војската на Иран.
Иако времето потребно за повторно почнување на производството на различни компоненти на оружје се разликува, некои проценки на американските разузнавачки служби сугерираат дека Иран би можел целосно да ги обнови своите капацитети за напади со дронови за само шест месеци, кажал за Си-ен-ен еден американски функционер.
„Иранците ги надминаа сите рокови кои разузнавачката заедница ги предвиде за реконструкција“, кажал американскиот функционер. Нападите со беспилотни летала се посебна загриженост за регионалните сојузници. Доколку непријателствата продолжат, Иран би можел да го компензира својот значително ослабен капацитет за производство на ракети со повеќе напади со беспилотни летала за да продолжи да ги таргетира Израел и земјите од Персискиот Залив, кои се во домет на двата оружени системи.
Претседателот Трамп постојано се заканува дека ќе ги продолжи воените операции против Иран доколку двете земји не постигнат договор за прекин на конфликтот. Во вторникот тој јавно изјави дека е во рок од еден час од продолжување на бомбардирањето, што значи дека обновените воени капацитети на Иран би можеле да дојдат до израз многу наскоро.
Иран успеал да се опорави побрзо од очекуваното поради комбинација од фактори, од поддршката што ја добива од Русија и Кина до фактот дека САД и Израел не нанеле толку голема штета колку што се надевале, вели еден од изворите. На пример, Кина продолжила да го снабдува Иран со компоненти што можат да се користат за изградба на ракети за време на конфликтот, потврдиле за Си-ен-ен два извори запознаени со проценките на американските разузнавачки служби, иако тоа снабдување е веројатно намалено поради моменталната блокада на САД.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху минатата недела изјави за Си-би-ес дека Кина го снабдува Иран со „компоненти за производство на ракети“, но одби да даде повеќе детали. Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Гуо Џиакун го негираше обвинувањето на прес-конференција, нарекувајќи го „неосновано“.
Во меѓувреме, Иран сè уште има балистички ракети, дронови за напад и воздушна одбрана и покрај сериозната штета нанесена од нападите на САД и Израел. Неодамнешните проценки на американските разузнавачки служби покажуваат дека брзото закрепнување на военото производство не почнува од нула.
Портпаролот на Централната команда на САД (Центком) одбил да коментира, велејќи дека командата не дискутира за разузнавачки прашања. Главниот портпарол на Пентагон Шон Парнел во изјава за Си-ен-ен кажал: „Американската војска е најмоќна во светот и има сè што ѝ е потребно за да дејствува во време и место што ќе го избере претседателот. Спроведовме повеќе успешни операции низ борбените команди, а воедно обезбедивме американската војска да има длабок арсенал на капацитети за да ги заштити нашите луѓе и нашите интереси“.
Си-ен-ен објави во април дека американските разузнавачки служби проценуваат дека приближно половина од иранските лансери за ракети ги преживеале американските напади. Понов извештај го зголемил тој број на две третини, делумно затоа што прекинот на огнот му даде време на Иран да ги ископа лансерите што можеби биле затрупани во претходните напади, според извори запознаени со разузнавањето. Вкупната проценка може да вклучува и лансери кои моментално се недостапни, но не се уништени.
Илјадници ирански беспилотни летала сè уште постојат – приближно 50 отсто од капацитетот на земјата – покажале разузнавачките податоци, според претходни изјави на два извори за Си-ен-ен. Податоците откриле и дека голем процент од крстосувачките ракети за крајбрежна одбрана на Иран останале нечепнати, што е во согласност со тоа што САД не ја фокусираат својата воздушна кампања врз крајбрежните воени објекти. Овие ракети се клучни за способноста на Иран да го загрози поморскиот сообраќај во Ормускиот теснец.
Земени заедно, неодамнешните извештаи на американските разузнавачки служби силно сугерираат дека конфликтот ги ослабнал, но не ги уништил, воените капацитети на Иран, при што Иранците покажуваат дека можат ефикасно да го ограничат долгорочното влијание на војната со брза обнова по нападот. Ова вклучува обнова на одбранбената индустриска база, за која командантот на Центком, адмиралот Бред Купер, во вторникот изјави дека е во голема мера елиминирана.
„Операцијата „Епски гнев“ значително ги ослабна балистичките ракети и беспилотните летала на Иран, уништувајќи 90 отсто од неговата одбранбена индустриска база и осигурувајќи дека Иран не може да се обнови со години“, сведочеше Купер за време на сослушувањето пред Комитетот за оружените сили на Претставничкиот дом.
Сепак, сведочењето на Купер е во спротивност со проценките на американските разузнавачки служби. Два извори изјавиле за Си-ен-ен дека разузнавачките информации се неконзистентни со описите на командантот на Центком. Еден од изворите запознаен со неодамнешните проценки кажал дека штетата врз одбранбената индустриска база на Иран веројатно ја одложила нејзината способност за обнова со месеци, а не со години. Дел од таа база останала нечепната, што би можело дополнително да ја забрза временската рамка за обновување, забележал изворот.






