Соединетите Американски Држави воведоа поморска блокада на Иран во Оманскиот Залив и Арапско Море по неуспешниот прв круг мировни преговори во Исламабад.
Според извештајот на Вортекс, американските сили не мора нужно да ја спроведуваат блокадата „во близина на иранските пристаништа или во рамките на Ормускиот теснец, туку флексибилно, во област од околу 300 милји западно, помеѓу пакистанско-иранската граница и најзападниот дел на Оман“.
Иран пак уште во почетната фаза од американско-израелската агресија ја презема контролата врз Ормускиот теснец, забранувајќи го транзитот на бродови поврзани со САД, Израел и нивните сојузници. Бродовите од „пријателските“ земји го координираат транзитот со иранската морнарица.
Од почетокот на американската блокада на 13 април до 21 април низ Ормускиот теснец и областа под американската блокада поминале 34 танкери под санкции, односно оние поврзани со Иран, на пат кон иранските пристаништа и од нив, покажуваат податоците на Вортекс.
Од областа под американската блокада излегле 10,7 милиони барели иранска нафта, проценува Вортекс.
Иранските барели биле транспортирани на шест танкери кои го исклучиле преносот на податоци преку системот за автоматска идентификација (АИС), истакнува компанијата.
Американската војска пресретнала најмалку три танкери под иранско знаме во азиските води, објави Ројтерс, повикувајќи се на неименувани извори во секторот за поморски транспорт и безбедносните сили.
Вчера попладне американските вооружени сили објавија дека досега им наложиле на 29 бродови да се свртат или да се вратат во пристаништето како дел од блокадата на Иран, забележува Ројтерс.
Сообраќајот низ Ормускиот теснец се задржа, повеќе или помалку, на нивото од периодот пред американската блокада, и покрај зголемените тензии, објави Вортекс.
Во просек, 4,5 бродови дневно минувале низ теснецот во периодот од 13 до 21 април, пресметале во Вортекс, приближно исто како и во претходните 30 дена, кога просекот бил четири брода дневно.
Иранскиот сообраќај е сепак малку намален, се вели во извештајот. Податоците покажуваат дека во десетте дена од воведувањето на блокадата еден до два брода поврзани со Иран минувале низ Ормус дневно, додека во претходните 30 дена, два до три.
Иако привлекува медиумско внимание, американската блокада веројатно нема да има големо влијание врз испораките на иранска нафта во следните два до три месеци, предвидува Вортекс.
Околу 160 милиони барели иранска нафта веќе се во танкери, од кои околу 130 милиони барели се веќе надвор од зоната блокирана од американската морнарица, забележуваат тие. Тоа количество е доволна за приближно 2,5 месеци од вообичаените увозни потреби на Кина, а повеќе ирански танкери веројатно ќе поминат низ американската блокада.
Блокадата најверојатно нема да влијае на производството на Иран во блиска иднина, проценува Вортекс, бидејќи на Иран ќе му бидат потребни 22 дена за да го достигне максималното ниво на полнење на резервоарите, според податоците од 2020 година, со стапка на полнење од 1,5 милиони барели дневно.
Уште поважно е што капацитетите на иранските резервоари за складирање може да бидат во можност да го поддржат производството во период од два месеци, иако иранските производители веројатно, како мерка на претпазливост, ќе почнат да го намалуваат уште порано, забележуваат тие.
Но, овие бројки се валидни за претпоставка за целосна американска блокада на иранскиот нафтен сообраќај, а првичните индикации укажуваат на заклучокот дека тоа е малку веројатно, според Вортекс.
Во средата попладне американскиот министер за финансии Скот Бесент објави дека ги суспендирал санкциите за иранската нафта, повторно на 30 дена, на барање на земјите кои, како што кажа, се изложени на најголем ризик од недостиг на нафта поради затворениот теснец.






