Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи денеска соопшти дека Ормускиот теснец е отворен за сите трговски бродови за преостанатиот период од примирјето, додавајќи дека тоа е во согласност со примирјето меѓу Израел и Либан, вели Си-ен-ен.
„Во согласност со примирјето во Либан, преминот за сите трговски бродови низ Ормускиот теснец се прогласува за целосно отворен за преостанатиот период од примирјето, по координираната рута што веќе ја најави Организацијата за пристаништа и поморство на Исламската Република Иран“, напиша Арагчи на Икс.
Ормускиот теснец е еден од најважните светски поморски коридори, преку кој минува значителен дел од глобалниот извоз на нафта и гас, па секое ограничување или затворање има директно влијание врз цените на енергенсите на светските пазари.
Отворањето на теснецот се толкува како обид за намалување на тензиите и стабилизирање на пазарите по ескалацијата на конфликтот, додека аналитичарите предупредуваат дека без поширок политички договор, ситуацијата останува ризична.
Примирјето во Либан се чини дека главно се почитува, иако либанската армија го обвини Израел дека го прекршил само неколку часа по стапувањето во сила. Хезболах, поддржан од Иран, соопшти дека ќе се придржува до примирјето доколку израелските напади престанат.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека средба во Белата куќа меѓу двете земји би можела да се одржи во рок од две недели.
Според Ројтерс, таквата средба би била прва на толку високо ниво по повеќе децении и дел од пошироките напори за постигнување подолгорочен мировен договор во регионот.
И покрај тоа што примирјето во голема мера се одржува, медиумите предупредуваат дека ситуацијата останува кревка, со пријавени инциденти и меѓусебни обвинувања за прекршувања уште во првите часови од неговото спроведување.






