Мохсен Резаи изјави, во соопштение што го пренесе иранската државна телевизија, дека САД немаат улога во контролата на теснецот.
„Господинот Трамп сака да стане полицаец на Ормускиот теснец. Дали тоа навистина е ваша работа? Дали тоа е работа на моќна војска како што се САД?“, рече Резаи, мислејќи на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Тие ваши бродови ќе бидат потопени уште со нашите први ракети, кои претставуваат голема опасност за американската војска. Дефинитивно можат да бидат изложени на нашите ракети и ние можеме да ги уништиме“, додаде.
Резаи рече дека би било „одлично“ кога САД би почнале копнена инвазија на Иран, бидејќи Иран би заробил илјадници заложници, а потоа за секој заложник би добил по една милијарда долари.
Тој додаде дека воопшто не е за продолжување на примирјето и дека тоа е негов личен став.
Резаи е поранешен врховен командант на Корпусот на исламската револуционерна гарда. Врховниот водач Моџтаба Хамнеи го именуваше минатиот месец за свој главен воен советник.
САД воведоа поморска блокада на иранските пристаништа по ретките директни разговори меѓу Вашингтон и Техеран, одржани во Пакистан за време на викендот со цел да ѝ се стави крај на војната што започна на 28 февруари, но не доведоа до договор.






