Комисијата наведува дека апликацијата на ЕУ за проверка на возраста е безбедна, ја штити приватноста и е клучен чекор во заштитата на децата од штетна и несоодветна онлајн содржина.
Земјите членки треба да одлучат дали ќе ја користат апликацијата како самостојна апликација или ќе ја интегрираат во европскиот дигитален паричник за идентитет. Препораката ги наведува и мерките кои земјите членки треба да ги преземат за да обезбедат брза достапност и интероперабилност на решенијата на ЕУ за проверка на возраста.
Комисијата изработи план за имплементација на апликацијата на ЕУ за проверка на возраста, која им овозможува на корисниците да докажат дека ја исполнуваат потребната старосна граница без да ја откријат својата точна возраст, идентитет или какви било други лични информации. Сега на земјите-членки е да ја адаптираат апликацијата и да ја направат достапна за своите граѓани, според Комисијата.
„Ефикасната верификација на возраста што ја штити приватноста е следниот дел од сложувалката кој наскоро ќе го комплетираме. Работиме на создавање интернет простор каде што нашите деца се безбедни и можат да користат позитивно и одговорно без да ги ограничуваат правата на возрасните“, порача извршната потпретседателка на Комисијата Хена Виркунен, која е задолжена за технолошкиот суверенитет, безбедноста и демократијата.
Политико неодамна објави дека лансирањето на мобилната апликација на Европската Унија за онлајн верификација на возраста брзо се претвори во фијаско откако експертите за сајбер безбедност открија очигледни безбедносни недостатоци и проблеми со приватноста во кодот.
Само неколку часа откако беше најавена апликацијата, консултантот за безбедност Пол Мур откри дека таа ќе складира чувствителни податоци на телефонот на корисникот и ќе го остави незаштитен. Мур тврдеше дека му биле потребни помалку од две минути за да ја хакира апликацијата.
Батист Робер, истакнат француски етички хакер, потврди многу од горенаведените проблеми и изјави за Политико дека е можно да се заобиколат функциите за биометриска автентикација, што значи дека некој би можел да избегне внесување ПИН или користење на идентификација со допир за пристап до апликацијата.
Оливие Блази, криптографски истражувач и член на Француската работна група за дигитален идентитет, го опиша проблемот живописно: „Да кажеме дека преземам апликација и докажувам дека имам над 18 години. Потоа мојот внук може да го земе мојот телефон, да ја отклучи апликацијата и да ја користи за да докаже дека има над 18 години“.






