сабота, 15 ноември 2025
Њујорк тајмс

Две години војна во Газа: меѓу опстанокот во сегашноста и надежта за иднина

Авионот исфрла пакети хуманитарна помош, нивните падобрани се отвораат додека паѓаат кон измачените и гладни луѓе во Газа, пишува Њујорк тајмс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На терен, повеќето жители на крајбрежниот појас беа принудени да ги напуштат своите домови и се натрупани во мало парче територија. Живеејќи во шаторски кампови, се мачат да најдат храна, вода и лекови. Многу од домовите, фирмите и цели населби што го сочинувале нивниот поранешен живот се срамнети со земја и тие немаат каде да се вратат откако ќе заврши војната.

Двете години војна нанесоа пустош речиси невиден во современото војување. Резултатот е разорено и хаотично општество. Цели гранки се исечени од семејните дрвја – со повеќе од 67.000 убиени, или еден на секои 34 жители на Газа, според локалните здравствени власти.

Минатиот месец, комисија на Обединетите нации заклучи дека Израел извршил геноцид врз Палестинците во Газа. Израел го отфрла обвинението, велејќи дека неговата цел е да го уништи Хамас и да ги врати заложниците земени за време на нападот предводен од групата во кој загинаа 1.200 луѓе.

Преговарачи од Израел и Хамас денеска во Египет разговараат за можна размена на израелски заложници во Газа за Палестинци во израелските затвори. Таквиот договор би можел да помогне во спроведувањето на новиот план што го изнесе претседателот Доналд Трамп, кој има цел да ѝ стави крај на војната по многубројни неуспешни обиди.

Но останува нејасно кој – ако воопшто има некој – би управувал со територијата и кој би платил за реконструкцијата за да се врати животот на жителите на Газа.

Во меѓувреме, повеќето се презафатени само со преживување и немаат време да размислуваат за иднината.

„Размислувањето за животот по војната доаѓа дури кога ќе заврши војната“, вели Хамза Салем, поранешен работник на бензинска пумпа што ги загубил двете нозе за време на силното израелско бомбардирање во почетокот на конфликтот.

Осакатени тела, уништени животи

Пред војната, Салем живеел во северна Газа со својата сопруга и деца – три сина и ќерка, Ритал. Таа имала пет години, сакала да прави нараквици од монистра и штотуку тргнала во градинка.

„Животот течеше, фала му на Бога“, вели Салем.

Војната променила сè.

Во израелски напад во текот на првите недели од војната, Ритал ја загубила десната рака над зглобот, според Салем и неговиот татко, Абдел-Наср Салем, кој бил повреден во истиот напад. Израелската војска соопшти дека целта била воената инфраструктура на Хамас.

Три месеци подоцна, откако семејството избегало во јужна Газа, Салем во нов напад ги загубил двете нозе над колената.

Фото: ЕПА

И таткото и ќерката се борат да добијат лекување, бидејќи здравствениот систем во Газа е распаднат.

Израелските сили постојано евакуираа, опустошуваа и напаѓаа болници, обвинувајќи го Хамас дека ги користи како засолниште. Според Светската здравствена организација, помалку од половина од 36-те болници во Газа се делумно функционални.

Како што војната се разжестуваше, снемуваше лекови, а третманите за рак и дијализа станаа ретки. Откако Израел ја блокираше целата помош за Газа оваа пролет, се прошири глад. Во август, група светски експерти изјавија дека повеќе од половина милион луѓе во Газа доживуваат „вештачки предизвикан“ глад, чии последици вклучуваат изгладнување, акутна неухранетост и смрт.

Експертите предупредуваат дека неухранетоста и траумата можат да го попречат менталниот и физичкиот развој, што значи дека здравствените ефекти од војната би можеле да се одразат низ цела генерација.

„Децата секој ден се борат со постојаната закана од болести и смрт“, вели Тес Инграм, портпаролка на УНИЦЕФ во Газа. „Ова создава ниво на токсичен стрес што не е само штетно, туку и потенцијално смртоносно на долг рок.“

Израелските власти ја намалуваа сериозноста на гладот ​​во енклавата, велејќи дека работат на олеснување на влезот на хуманитарна помош на територијата. Владата го нарече извештајот за гладот ​​„целосна лага“.

Израелската војска вели дека гаѓа само воени цели и дека го почитува меѓународното право. Го обвини Хамас за градење воена инфраструктура во густо населени цивилни области – вклучувајќи командни центри, складишта за оружје и борбени тунели – и за поставување стапици со бомби на патиштата и во цивилните домови.

Повеќе од една четвртина од 167.000 жители на Газа што биле ранети претрпеле „повреди што го менуваат животот“, соопшти СЗО. Повеќе од 5.000 луѓе ги загубиле екстремитетите.

Со затворањето на границите контролирани од Израел, жителите не можат лесно да избегаат од енклавата и да најдат безбедност од бомбардирањето, како што направија бегалците од Сирија и Украина. Ранетите со тешкотии бараат лекување во странство, бидејќи одобрението за медицинска евакуација е исклучително тешко да се добие. Отсечената рака на Ритал беше загубена во хаосот по нападот во што ја рани, па не може повторно да ѝ биде пришиена, вели Салем. Поради недостиг во болницата, тој морал сам да си купи анестезија и лекови од блиските аптеки.

Добил инфекција откако му била ампутирана ногата поради лоши хигиенски услови, а потоа бил отпуштен од болницата без лекови, оставен сам на себе и на својата болка.

Семејството повторно избегало во септември, откако Израел започна нов напад врз Газа, вели тој. Пешачеле до централниот дел од Појасот Газа, додека неговиот татко и синови се мачеле да ја истуркаат неговата инвалидска количка низ оштетените и песокливи улици.

Семејството сега е засолнето во куќата на неговата сестра, вели Салем, но имаат малку облека, речиси и немаат пари и немаат шатор за спиење ако повторно мораат да бегаат.

„Немаме каде да одиме“, вели тој.

Фото: ЕПА

Разорени заедници

Обединетите нации проценуваат дека речиси четири од секои пет згради во Газа се оштетени или уништени. До декември минатата година, ОН соопшти дека во Газа има повеќе од 50 милиони тони урнатини – толку многу што на 105 камиони би им биле потребни 21 година за да ги отстранат. Во февруари, Светската банка ја процени физичката штета во Газа на 29,9 милијарди долари – 1,8 пати повеќе од годишниот економски производ на Газа и Западниот Брег заедно.

Бројките не можат да го опфатат сето она што е изгубено. Кога ќе се избришат обележјата на нечиј секојдневен живот – продавницата каде што луѓето купувале зеленчук, кафулето каде што се среќавале со пријателите – самиот живот што тие го симболизирале исчезнува.

За Нидал Еиса, татко на три деца и сопственик на продавница за венчаници во градот Газа, животот се вртел околу зградата каде што живеел со околу 30 роднини. Сега, според сателитските снимки, таа зграда е во урнатини – како и градината со портокали подолу на улицата, месарницата во соседството и фризерскиот салон каде што го носел својот син.

Семејната зграда била исполнета со спомени.

„Во тој дом ги поминав најубавите денови и години од мојот живот“, вели 32-годишниот Еиса.

Вели дека семејството се собирало за важните моменти. Новороденчињата биле пречекувани со слатки. Невестите и младоженците биле славени со гозби. Починатите роднини биле оплакувани со горчливо кафе и урми.

Неговите деца оделе во блиските училишта, а семејството се лекувало во локалната клиника управувана од ОН.

Неговата продавница за венчаници, „Бел ангел“, се наоѓала на само кратка прошетка од куќата.

Во почетокот на војната, во екот на жестоко израелско бомбардирање, напад со камион во близина ја оштетил неговата продавница, вели Еиса. Тој спасил што е можно повеќе фустани и додатоци и ги преместил во својот стан.

Стоката била изгубена во август, кога Израел ја бомбардирал зградата, велат Еиса и неговиот братучед, Валид Еиса. Двајцата велат дека израелската армија однапред го предупредила соседот, кој го информирал семејството. Тие успеале да избегаат, но зградата била уништена. Израелската армија соопшти дека нападот бил насочен кон „воена цел“.

Ненадејно без дом, поширокото семејство се распрснало во потрага по засолниште. Еиса со сопругата и децата завршил на југот од Газа, каде што спијат во шатор.

Тој се надева дека ќе се обнови животот во Газа, која повеќе не е под власт на Хамас.

„Ако војната заврши со решенија и ако се промени владиниот систем, ќе го отворам мојот бизнис и ќе останам во мојата земја“, рече тој. „Најважно е да го променат режимот што нè доведе до пропаст и уништување.“

Фото: ЕПА

Загубени детства

Четиринаесетгодишниот Махмуд Абу Шахма исто така живее во преполн шатор во близина на плажата.

Утрата ги поминува чекајќи во ред за да наполни канистри со вода за пиење и бањање. Прави чај на оганот од дрва и јаде леб посипан со зачини – или што и да најде за да го ублажи гладот. Остатокот од денот талка низ кампот каде што живее. Повеќе од две години не бил во училиште.

„Никој не ми вели да учам“, рече тој. „Да имаше училиште, ќе одев.“

Неговите родители не можат да ја пополнат празнината бидејќи обајцата загинале, а тој е едно од илјадниците сирачиња што ги создаде војната.

Конфликтот речиси целосно го избриша вообичаеното детство. Децата се ранувани и убивани, ги загубиле најблиските и живеат во сиромаштија.

„Создавате исклучително тешки услови за ментално, човечко и физичко закрепнување“, вели Тарек Емтаира, генерален директор на Таавон, палестинска хуманитарна фондација што им помага на сирачињата.

Во април, Палестинското централно биро за статистика, кое работи во рамките на Палестинската самоуправа со седиште на Западниот Брег, соопшти дека повеќе од 39.000 деца загубиле барем еден родител за време на војната. Од тој број, околу 17.000 ги загубиле обајцата родители.

Махмуд Абу Шахма живее во еден од седумте кампа во јужна Газа во кои се сместени повеќе од 4.000 деца што загубиле барем еден родител. Уште 15.000 деца зависат од камповите за храна, медицинска нега и други основни потреби, вели Махмуд Калак, менаџерот на кампот.

Хуманитарните работници велат дека многу деца страдаат од чести кошмари или анксиозност. Некои претрпеле таква психолошка и физичка траума што престанале да зборуваат. Образовниот систем се распадна дури и за децата чии семејства останале нечепнати.

Повеќе од 700.000 деца немаат пристап до формално образование, а речиси на сите училишта им е потребно реновирање или целосна реконструкција, според УНИЦЕФ.

Сите универзитети се затворени, и многу од нив се уништени од израелските сили, кои го обвинија Хамас дека ги користи за своите операции.

Импровизирани училишта никнуваат во камповите за раселени, каде што децата се собираат под церади и седат на земја.

Организацијата за уметност и култура Мајасем управува со училиште во јужна Газа што нуди часови по арапски, англиски јазик, математика и наука.

Една ученичка, осумгодишната Ратил ал-Наџар, вели дека е среќна што се вратила на училиште, но на училиштето му недостигаат столчиња, боички, тетратки и моливи.

Таа вели дека ја сака математиката и сака да стане архитект, како чичко ѝ, кој загинал во војната.

Наџла Абу Нахла, извршна директорка на Мајасем, вели дека училиштето се фокусира помалку на академските достигнувања, а повеќе на забавата, спортот и музиката – за да се поткрепи менталното здравје на децата. Кога часовите ќе завршат, додава таа, децата не сакаат да му се вратат на чекањето во редици за храна или да носат вода. „Тука“, рече таа, „тие едноставно можат да се чувствуваат како деца“.

Фото: ЕПА

Распарчена економија

Пред војната, Мона ел Галаини била меѓу ретките жени што, преку својата работа, стигнале до бизнис-елитата на Газа.

Таа била косопственичка на супермаркет и сопственичка и менаџерка на ресторанот „Биг бајт“ и луксузниот хотел „Рутс“, кој се извивал веднаш до марината на медитеранскиот брег на градот Газа.

Малку останало од нејзините поседи.

Супермаркетот?

„Изгорен и ограбен“, вели таа по телефон од Египет, каде што избегала во почетокот на конфликтот.

А „Биг бајт“?

„И него го нема.“

Хотелот?

„Мора целосно да се реконструира.“

Минатата година, таа го отворила палестинскиот ресторан „Џузор“ во Каиро. Размислува еден ден да се врати во Газа, но вели дека за тоа мора да има стабилност, протечна вода и електрична енергија – она ​​што таа го нарекува „состојките на животот“.

Не може да предвиди кога би можело да биде тоа.

„Нема јасна визија за нешто врз што би можело да се гради“, вели 55-годишната ал-Галаини. „Иднината не му е јасна на никого.“

Газа веќе беше сиромашна пред војната, што се влоши со делумната израелско-египетска блокада насочена кон ослабување на Хамас. Сепак, богатите Палестинци во Газа инвестираа во трговски центри, ресторани, фабрики и фарми што помогнаа во прехраната и вработувањето на населението.

Војната ги запре речиси сите формални економски активности, а невработеноста е најмалку 80 проценти, според Светската банка.

Конфликтот ја поткопа способноста на жителите на Газа да се прехранат – повеќе од 70 проценти од бунарите за наводнување, стаклениците и рибарските бродови се оштетени или уништени, според податоците на ОН. Од јули, помалку од 2 проценти од обработливото земјиште се неоштетени и достапни за земјоделците.

Се предвидува дека процентот на Палестинците во Газа што живеат во она што Светската банка го нарекува „мултидимензионална сиромаштија“ – што значи немање пристап до приходи, образование и услуги како што се електрична енергија и чиста вода – ќе се зголеми на 98 проценти, во споредба со 64 проценти пред војната.

Конфликтот ги опустоши финансиите на многу претприемници во Газа.

Хасан Шехада, 61, некогаш вработувал повеќе од 200 работници што шиеле фармерки, јакни и друга облека, претежно за продажба во Израел, вели тој по телефон од Газа.

За време на војната, една од неговите фабрики, која имала 60 машини за шиење, била уништена, рече тој. Кога неговото семејство избегало од градот Газа кон централниот појас, тие зеле 20 машини за шиење и друга опрема со себе, но не можеле да најдат доволно електрична енергија за да ги работат. Затоа тој ниту може да работи ниту може да се врати дома и се обидува да ги следи вестите за поранешните вработени што се убиени.

Сепак, тој се надева дека ќе дојде мир и дека народот на Израел и Газа ќе сфати дека нивните судбини се поврзани.

„Израел не може да се откаже од нас, а ние не можеме да се откажеме од Израел“, вели тој. „Доколку меѓу нас не се изгради вистински мир врз цврсти темели, ништо нема да функционира.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ