четврток, 30 април 2026

Човиќ: Трите народи апсолутно не се задоволни од односите во БиХ

Претседателот на политичката партија ХДЗ БиХ Драган Човиќ изјави дека Босна и Херцеговина е неефикасна држава со многу проблеми меѓу трите нации, но се надева дека договорот за гасно поврзување меѓу Хрватска и БиХ, потпишан во Дубровник, ќе биде поттик за постигнување поширок општествен договор.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Нека овој договор биде повод во процесот на барање подобри решенија за пофункционално општество во Босна и Херцеговина“, порача Човиќ во Дубровник, пренесува Радио-телевизија Херцег-Босна од Мостар. На самитот на Иницијативата три мориња, Хрватска и БиХ потпишаа договор за гасно поврзување преку таканаречената јужна интерконекција.

Новинарите побараа од лидерот на ХДЗ БиХ да ги коментира заклучоците од конференцијата Традфест одржана во Загреб минатиот викенд, каде што беше заговарано формирање на хрватски ентитет, со образложение дека хрватскиот народ е нееднаков во БиХ.

Без да даде директен одговор, Човиќ кажа: „БиХ мора да признае дека имаме многу проблеми со нефункционалноста и неефикасноста“. Тој додаде дека „трите нации апсолутно не се задоволни од односите во Босна и Херцеговина“ и повика на дијалог.

„Предлагаме да седнеме заедно и да ги пронајдеме најдобрите можни решенија за Босна и Херцеговина да стане европска и ефикасна земја“, кажа Човиќ.

Поради заклучоците од конференцијата во Загреб, министерот за надворешни работи на БиХ Елмедин Конаковиќ испрати дипломатска нота до Загреб, но неговиот заменик Јосип Бркиќ тврдеше дека документот не го претставува официјалниот став на државата. Бројни бошњачки функционери ја осудија конференцијата во Загреб.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ