понеделник, 23 јуни 2025

Блумберг: Пентагон демантира дека се запрени активностите против руските хакери

Пентагон ги демантираше медиумските извештаи дека американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет наредил запирање на сајбер операциите против Русија, изјави за Блумберг висок претставник на американското Министерство за одбрана.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Хегсет не откажа или одложи ниедна сајбер-операција насочена кон руски хакери, ниту издаде наредби за запирање на тие активности и напади, рече функционерот, кој сакаше да остане анонимен во разговорот за интерни одлуки.

Демантот дојде откако специјализираниот портал за сајбер безбедност Рекорд објави дека Хегсет ѝ наредил на американската Команда за сајбер операции да ги запре сите планови против Русија, вклучително и офанзивните дигитални акции. Потоа веста ја пренесоа и Вашингтон пост и Њујорк тајмс, повикувајќи се на свои извори меѓу неименувани функционери.

Најавите за наводната суспензија предизвикаа силни реакции кај демократите, вклучително и лидерот на демократското малцинство во Сенатот, Чак Шумер. Тој ја обвини администрацијата на Трамп дека „ѝ дава одврзани раце на Русија, додека таа продолжува со сајбер нападите врз американската инфраструктура“.

Според тие извештаи, одлуката за суспензија наводно била донесена пред јавната конфронтација меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Овалната соба во петокот, а медиумите ја опишаа како обид да се охрабри Русија да преговара за завршување на војната во Украина.

Запрашан за претходните тврдења дека операциите се прекинати, Пентагон не ги коментираше деталите, но рече дека Хегсет нема повисок приоритет од безбедноста на американските војници.

Командата за сајбер операции на САД управува со 135 тимови за сајбер-мисии, познати како „оперативна сила“ на командата. Меѓу нив се и офанзивните оперативни тимови наречени Тимови за сајбер комбат мисии.

Независно од тоа, Трамп нареди суспензија на сета воена помош за Украина додека не утврди дека украинските лидери демонстрираат искрена посветеност на мирот, изјави висок функционер на Пентагон, кој исто така сакаше да остане анонимен.

Официјалниот претставник рече дека ќе биде запрена целата американска воена опрема која моментално не е во Украина, вклучително и оружје кое е во транзит во авиони и бродови или чека испорака во Полска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ