сабота, 18 април 2026

Бивш бугарски претседател наклонет кон Русија води во изборната трка со антикорупциска платформа

Откако од власт беше сменет унгарскиот премиер наклонет кон Кремљ Виктор Орбан, Радев се позиционира како единствениот преостанат лидер во Европската Унија спремен да ги подобри односите со Москва, и покрај тоа што војната на Русија во Украина сè уште трае.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во тревната долина на руралниот југ на Бугарија, фармерот Николај Василиев очајно сака промени. Со години, како што вели за Ројтерс, корумпираните локални службеници ги блокирале плановите за проширување на неговиот бизнис со одгледување добиток. Владите што се менувале во главниот град Софија не успеале да ја искоренат корупцијата ниту да ѝ помогнат на распаднатата економија на тој регион.

Сега, сепак, вели дека има надеж. На столбот пред неговата фарма е залепен изборен плакат со сериозен портрет на Румен Радев, поранешен пилот на борбен авион, наклонет кон Русија, кој во јануари се повлече од функцијата претседател за да се кандидира на парламентарните избори на 19 април.

Радев, пишува Ројтерс, води во анкетите, со поддршка од постарите гласачи од руралните средини, кои го гледаат како спасител што може да им стави крај на долгогодишните превирања и да го разбие она што тој го нарекува „олигархија“ на корумпираните политички ветерани.

„Гледам лидер што може да ја направи таа драстична промена и да обезбеди сигурност за луѓето“, вели Василиев во интервју на својата фарма во бугарската покраина Хасково. „Дојде време темелно да ги решаваме проблемите во земјата“.

Бугарија, црноморска држава со околу 6,5 милиони жители на југоисточната граница на Европската Унија, в недела излегува на избори по осми пат за пет години, во услови на политичка криза во која слабите коалиции не успеаја да опстанат, а довербата во демократските избори е ослабена.

Овие избори изгледаат поинаку, велат повеќе гласачи за Ројтерс. Радев, кој во 2016 година беше избран за претседател, функција со претежно церемонијален карактер, во голема мера остана недопрен од кризата и вети дека ќе ѝ стави крај на корупцијата и ќе донесе стабилност.

Експертите велат дека корупцијата во Бугарија е присутна насекаде, од јавните набавки до локалните избори. Бугарија е на 84. место на Индексот за перцепција на корупцијата за 2025 година на организацијата Транспаренси интернешнел, што ја става заедно со Унгарија како најлошо рангирана земја во Европската Унија.

Радев во средата вети дека ќе им стави крај на „локалните феудални господари и моќници што гушат цели региони на Бугарија“.

Нов Орбан?

Победата на Радев би можела да ја редефинира бугарската надворешна политика, која досега беше обликувана од партии лојални на Брисел. Бугарија во јануари влезе во еврозоната, а минатиот месец потпиша безбедносен договор со Украина, потези на кои Радев им се спротивставува.

„Коалициските творци го воведоа еврото во Бугарија без да го прашаат народот. А сега, кога ги плаќате сметките, секогаш сетете се кои политичари ви ветуваа дека ќе бидете во ‘клубот на богатите’“, рече Радев во средата, одговарајќи на незадоволството на јавноста поради растот на сметките.

Откако од власт беше сменет унгарскиот премиер наклонет кон Кремљ Виктор Орбан, Радев се позиционира како единствениот преостанат лидер во Европската Унија подготвен да ги подобри односите со Москва, и покрај тоа што војната на Русија во Украина сè уште трае.

„Ние сме единствената членка на Европската Унија што е и словенска и православна“, изјави тој во интервју за бугарскиот новинар Мартин Карбовски. „Можеме да бидеме многу важна алка во целиот тој механизам… за обновување на односите со Русија“.

Радев можеби ќе мора со компромиси

Во декември владата поднесе оставка среде масовни протести против корупцијата и буџет што предвидуваше повисоки даноци. Побарувачката за реформи нагло порасна. Во тој момент настапи Радев.

Неговата партија Прогресивна Бугарија (ПБ) има околу 30 отсто поддршка, покажуваат анкетите, што е околу 10 проценти повеќе од најголемата партија во земјата, ГЕРБ, но сè уште далеку од апсолутно мнозинство.

Податоците на бугарската Национална ревизорска институција покажуваат дека ПБ добила повеќе од 650.000 евра приватни донации за кампањата, односно 67 отсто од вкупните прилози.

Сепак, на Радев можеби ќе му бидат потребни коалициски партнери, што би можело да го ублажи неговиот проруски став. Еден од можните партнери е проевропската коалиција Ја продолжуваме промената – Демократска Бугарија (ПП-ДБ), која има околу 12 отсто поддршка и се согласува дека реформите се неопходни.

Радев го исклучи евентуалниот сојуз со ГЕРБ, кој го води поранешниот премиер Бојко Борисов, како и со Движењето за права и слободи, чиј лидер Делјан Пеевски е под американски и британски санкции поради корупција.

„Сè укажува на… формирање коалиција“, вели Тихомир Безлов, виш соработник во Центарот за проучување на демократијата во Софија, додавајќи дека не е јасно колку би можела да трае таквата коалиција.

Многу ќе зависи од излезноста, за која се очекува да надмине 50 отсто. Во обид да ја врати довербата, преодната влада ја засили борбата против купувањето гласови и побара помош од Европската Унија во сузбивањето на дезинформациите на интернет, вклучително и оние што им се припишуваат на руски извори.

Радев вели дека тоа е трик со цел да се наместат изборите.

„Никој однадвор не може да дојде и да ни кажува за кого и како да гласаме. За тоа одлучуваме тука, ние Бугарите“, рече тој.

Русија негира мешање во странски избори.

Потрага по достоинствен лидер

Бугарија брзо се развиваше по падот на комунизмот во 1989 година и влезот во Европската Унија во 2007 година. Очекуваниот животен век се зголеми, невработеноста е најниска во Европската Унија, а економијата има посилни заштитни механизми по влегувањето во еврозоната, вели Ројтерс.

Поплочените улици во центарот на Софија се полни со живи кафулиња и барови, а луѓето пролетните вечери ги поминуваат собрани во многубројните уредени градски паркови. Нејзините скијачки центри привлекуваат зимски туристи од цела Европа.

Но во селата во Хасково заедниците се опустошени од годинитњ недоволни инвестиции и иселување на младите. Патиштата бараат нов асфалт, а дотраените покриви на фармите – нова обнова.

Фармерот Василиев ги отфрла тврдењата дека Радев е проруски настроен. Тој само сака некој пристоен.

„Првиот збор што ми паѓа на ум кога ќе помислам на лидер е ‘достоинствен’“, рече. „За да бидете достоинствен лидер, мора да бидете достоинствен човек“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ