четврток, 30 април 2026

Макрон не може сам да ја предводи ЕУ

Објавено на

часот

Сподели

Дипломатите од државите низ ЕУ велат дека тоа нема да се случи така брзо, пишува Ројтерс.

„Енергичниот француски лидер се трудеше да претстави јасна стратегиска визија која во блокот под лидерството на Меркел, често нарекувана „кралицата на Европа“, понекогаш недостасуваше, и Брисел често ја усвојуваше неговата реторика“.

Меѓутоа, во повоената Европа заснована на консензус, директниот и зајадлив стил на Макрон, во комбинација со спремноста самостојно да ја обликува стратегијата на ЕУ, значи дека ќе му биде тешко да ја замени Меркел, кажале за Ројтерс високи дипломати низ блокот.

„Макрон не може самиот да ја води Европа. Не. Тој мора да сфати дека мора да биде внимателен. Не може да очекува луѓето слепо да ја следат идејата на Франција“, кажа дипломат од една од основачките членки на ЕУ, во моментов поставен во Париз.

„Меркел имаше исклучително место. Имаше слух за секого, ги почитуваше сите“, додава тој.

Ројтерс го смета за симболично тоа што Макрон имал малку гласови на поддршка од европските сојузници кога Австралија се откажа од големиот договор за купување француски подморници.

„Таа тишина укажа на длабокото противење на државите од централна и источна Европа на Макроновата визија на европската воена автономија и намалувањето на зависноста од американската воена заштита од Русија“, оценува Ројтерс.

И покрај напорите кон источните членки на ЕУ да покаже поголема наклонетост од претходните француски претседатели, државите од Балтикот до Црното Море, кои ги сметаат САД како единствена сигурна заштита од Русија, беа вџашени од изјавата на Макрон дека НАТО е „клинички мртов“ и повика на дијалог со Москва.

Ројтерс пишува дека француските државници приватно признаваат дека неговата стратегија на ангажирање на рускиот претседател Владимир Путин дала слаби резултати.

„Можевме да му кажеме како ќе заврши таа руска политика“, вели амбасадор во Франција на една од источноевропските држави. „Сфаќаме дека на Макрон му е потребно да контактира со Русија. Ѝ беше и на Меркел. Но, проблематичен е начинот на кој тоа го изведе“.

И Меркел поддржуваше проекти кои предизвикуваа длабоки поделби меѓу членките на ЕУ, како гасоводот Северен тек 2 меѓу Русија и Германија. Меѓутоа, таа секогаш внимаваше да ја избегне онаа пркосна реторика на која Макрон се навикна, велат дипломатите.

„Франција има визија, но таа е често премногу наметлива и Макроновото лидерство понекогаш може да биде нарушувачко“, вели Џорџина Рајт од парискиот Институт Монтањ. „Француско-германскиот тандем е многу важен, но Макрон сфаќа дека тоа не е доволно“, додава таа.

Европа сè уште нема обединувачка визија

И покрај тоа што преговорите за формирање владејачка коалиција во Германија ќе бидат макотрпна работа, програмите на партиите покажуваат која идна влада ќе биде посветена на формирање ЕУ војска и тоа е прилика која европскиот блок треба да ја искористи“, оценува колумнистот на Фајненшал тајмс Гидеон Рахман.

Тој вели дека Макрон е порешителен од кога било да го зајакне стратегиското влијание на ЕУ по пактот на Австралија, Британија и САД (Аукус) кој Франција го доживеа како „нож во грбот“.

Меѓутоа, моменталниот налет на реториката за суверенитетот, стратегиската автономија на ЕУ и европски армии нема упориште во реалноста бидејќи блокот е и понатаму далеку од тоа да има моќ на потрошувачка, структура или заедничка визија за тие идеи да ги претвори во реалност, вели Рахман.

„Стратегиската автономија не е лоша идеја, ниту е ЕУ осудена на геополитичка неважност. Изгледите на трговски договор со ЕУ или заканата со санкции на ЕУ може да го формираат однесувањето на државите низ светот. Но, економската моќ и моралното убедување не се секогаш соодветна замена за воената моќ“, вели Рахман, потсетувајќи дека Сталин еднаш наводно прашал колку дивизии има папата.

Ќе му бидат потребни Драги и Руте

Неколку дипломати истакнаа двајца лидери кои ќе бидат клучни за идниот успех на Макрон во Европа без оглед на исходот на преговорите во Германија – премиерот на Италија Марио Драги и шефот на холандската влада Марк Руте.

Макрон веќе почна да му се додворува на Драги, угледниот поранешен шеф на Европската централна банка кому му се препишуваат заслугите за спасувањето на еврото, кого го покани во својата летна резиденција. Посетата беше откажана поради хаосот во Авганистан.

Тој исто така почна да соработува со Руте, кој успешно ја обедини групата фискално конзервативни држави познати како „стипси“.

Сите пет високи дипломати со кои разговарал Ројтерс, кажале дека многу држави во ЕУ почнуваат да ги прифаќаат идеите на Макрон. центрите на блокот кои приказната за заштита на европските компании од азиските и американските ривали некогаш ги сметаа за хир на Французите, сега го менуваат мислењето откако Пекинг и Вашингтон усвоија поагресивна тактика.

„Изгледаше малку радикално, но сфативме дека некои нешта за кои се залага се прилично разумни“, кажа дипломат од една балтичка земја.

И излегувањето на Британија од блокот ја смени динамиката во него додека Франција се подготвува да го преземе ротирачкото претседателство со ЕУ во јануари.

„Некогаш можевме да се криеме зад Британците, но останавме без тој голем грб така што почнуваме да пружаме рака“, кажал дипломатот.

Враќање на Трамп би поттикнало на поголема акција

Рахман истакнува дека Французите со право тврдат дека големата зависност на ЕУ од САД на полето на безбедноста е лоша идеја. Последователните американски влади јасно ставија до знаење дека го губат трпението за субвенционирање на одбраната на богатите Европејци.

Тој вели дека ни политичката стабилност на САД повеќе не може да се зема здраво за готово.

„Европа мора да продолжи со стратегиската автономија за да се обезбеди во случај Доналд Трамп да се врати на власт“, истакнува Рахман, оценувајќи дека таа влада би била „активно непријателски настроена кон либералните демократски вредности на ЕУ“.

Меѓутоа, структурните, финансиските и политичките пречки за европската „стратегиска автономија“ се огромни.

Членките на ЕУ трошат нешто помалку од 200 милијарди евра годишно на одбрана, а САД повеќе од 700 милијарди. Рахман наведува дека уште посериозен е недостигот од политичка визија која би го поддржала вистинското спојување на одбраната. ЕУ е често поделена за време на големите меѓународни кризи.

Од историски и географски причини, стратегиските приоритети на членките на ЕУ се и понатаму многу различни.

Европските дипломати понекогаш се жалат дека Германија е единствената членка на ЕУ која Франција ја третира како рамна на себе, пишува Рахман и додава дека Германците ги нервира начинот на кој Макрон им ги наметнува новите идеи.

Французите, од друга страна, се често огорчени од силната црта на пацифизам во стратегиската култура на Германија, вели британскиот новинар.

Меѓутоа, и покрај разликите, „Германците и Французите се и понатаму длабоко посветени на заедничката работа. Во ЕУ, заедничкиот став на Берлин и Париз и понатаму е многу моќна комбинација“.

Рахман очекува ерата по Меркел во Германија да отвори нови можности и Франција внимателно да го следи секој знак на отвореност за стратегиска автономија.

„Меѓутоа, само некоја длабока криза, како враќање на Трамп во Белата куќа, би можела конечно да ја поттикне Европа на акција“, заклучува Рахман.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ