четврток, 30 април 2026

Стерјовски побара преведувач на македонски јазик на судењето во Албанија со „Бугарска меморија“

На судскиот процес во Основниот суд во Корча, Албанија, по тужбата на фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија, лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција во Албанија, Васил Стерјовски побара преведувач на македонски јазик.

Објавено на

часот

Сподели

На рочиштето што се одржа вчера, Стерјовски пред судот изјавил дека македонскиот му е мајчин јазик и дека не ги разбира доволно правните термини на албански јазик, нагласувајќи дека обезбедувањето превод е неопходно за фер и правично судење.

На ваквото барање на Стерјовски реагирале адвокатите на тужителот од адвокатска канцеларија во Тирана, ангажирани од фондацијата, кои тврдеа дека Стерјовски подобро зборува албански јазик од нив.

Сепак, лидерот на МАЕИ појасни дека иако е албански државјанин, негов мајчин јазик е македонскиот и дека на него најпрецизно се изразува, инсистирајќи дека правото на преведувач е уставно загарантирано.

Тужбата на фондација „Бугарска меморија” по која се води судскиот процес во Корча е поттикната од дописот кој МАЕИ на 24 јануари 2024 година го испрати до албанскиот премиер Еди Рама, највисоките албански институции и странските амбасади, во кој бараше забрана на активностите на фондација „Бугарска меморија” во Албанија.

Во текот на судењето, Стерјовски посочи дека фондацијата, иако се претставува како добротворна, всушност е „инструмент на бугарската држава за асимилација на македонското малцинство во Албанија”.
Тој нагласува дека сите активности на фондацијата во земјата се реализираат во „тесна координација со бугарската влада, Министерството за надворешни работи на Бугарија и бугарската амбасада во Тирана”.
На вчерашото рочиште, адвокатите на фондацијата истакнале дека Стерјовски одбива спогодба и продолжува јавно да ја критикува работата на фондацијата во албанските медиуми.

Но, Васил Стерјовски побарал вчера од судот да се ограничи присуството на лице кое го идентификуваше како агент на бугарската разузнавачка служба Државна агенција за национална сигурност (ДАНС), оценувајќи дека неговото присуство претставува притисок врз судскиот процес.

Судијката, одговарајќи на барањето, изјавила дека рочиштето е јавно и дека присуството е дозволено за сите заинтересирани, додавајќи дека не го познава лицето кое се наоѓа во судницата. По нејзината прозивка, лицето се претставило како конзул на Бугарија, на што Стерјовски реагирал, тврдејќи дека не станува збор за дипломатски претставник, туку за агент на ДАНС.

Судијката Гентијана Шуколари го одложи рочиштето и го закажа следното за 30 јуни 2026 година.

Фондацијата „Бугарска меморија“ бара надомест на нематеријална штета во износ од 10.000 евра, поради наводно ширење клеветнички и навредливи изјави кои го нарушиле угледот на организацијата.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ