Венс одговори на изјавата на папата дека Исус „никогаш не е на страната на оние кои некогаш мавтале со мечеви, а сега фрлаат бомби“, тврдејќи дека таков став ги игнорира конфликтите како Втората светска војна.
„Дали Бог беше на страната на Американците кои ја ослободија Франција од нацистите? Дали Бог беше на страната на Американците кои ги ослободија концентрационите логори и ги спасија тие невини луѓе, преживеаните од холокаустот? Убеден сум дека беше“, кажа Венс на настанот Турнинг поинт УСА во Џорџија.
Венс, кој е католик, истакна дека ги цени изјавите на папата за теми како што се абортусот, имиграцијата или „прашања за војната и мирот“, но дека понекогаш не се согласува со него.
„Секако, можеме да не се согласуваме околу тоа дали конфликтот е праведен или не, но мислам дека исто како што јас, како потпретседател на Соединетите Американски Држави, морам да бидам внимателен кога зборувам за јавна политика, многу, многу е важно папата да биде внимателен кога зборува за теолошките прашања“, смета Ванс.
„Но, мислам дека еден од проблемите е тоа што ако ќе зборувате за теолошки прашања, мора да бидете внимателни. Мора да бидете сигурни дека тоа е засновано на вистина. Тоа е нешто што се обидувам да го направам и што сигурно би го очекувал од свештенството, без разлика дали е католичко или протестантско“, додаде тој.
Изјавата на Ванс следува по еднодневната размена на остри зборови меѓу папата и американскиот претседател Доналд Трамп. Папата ја осуди војната во Иран, на што Трамп одговори дека Лео Четиринаесетти е „слаб кон криминалот“ и „ужасен во однос на надворешната политика“.
На прашањето од Ен-би-си њуз да ги коментира зборовите на Трамп, Лео Четиринаесетти кажа дека „не се плаши“ од администрацијата на Трамп. Тој исто така вети дека ќе продолжи со своите повици за мир, нагласувајќи дека тие се вкоренети во Евангелието.
Вербалните напади на Трамп врз папата предизвикаа негодување меѓу католичката заедница во Америка. Бројни свештеници застанаа во одбрана на Лео Четиринаесетти, оценувајќи ги постапките на Трамп како несоодветни.
Овој судир се случи набрзо откако Трамп објави слика генерирана од вештачка интелигенција од него како фигура слична на Христос на социјалните мрежи. Тој ја избриша објавата по притисок од поддржувачите и сојузниците. Еден ден подоцна, Трамп кажа дека сметал дека сликата се однесува на Црвениот крст и го прикажува како лекар кој му помага на пациент.






