По повредата на Александар Љафтов, селекторот беше принуден да ги остави сите комбинации во игра. На последниот пресек за овој турнир на трибините ќе остане младиот техничар Лука Ристоски, додека Ване Арапов останува во тимот, но ќе има улога на примач наместо либеро.

Натпреварот меѓу Македонија и Холандија се игра вечерва, 19 часот, во салата „Парк“ во Струмица.
Пред натпреварот своите очекувања ги сподели капитенот Никола Ѓорѓиев, кој кажа:
„Започнува уште една Европска лига, најубавото и она за што работевме целиот овој период. морам да ги пофалам феноменалните подготовки, иако не бев во Крушево, реакциите од сите беа дека таму е поставена базата и дека се одработени седум феноменални денови. Кога се приклучија дел од интернационалците во Скопје одлично се вклопивме сите и имавме квалитетен тренажен процес. Секој од нас сериозно ја сфати својата задача и тоа е повеќе од јасно“, коментира капитенот Никола Ѓоргиев и продолжува: „Првиот противник Холандија ја анализираме веќе, врвен квалитет лани играа во Светската Лига на нации, но доаѓа со малку изменет состав и она што е специфично за нив е дека се многу висока репрезентација, која има добар блок и добар сервис. Се надевам дека ќе бидеме паметни и трпеливи, затоа што нивниот висок блок значи дека ќе треба да играме од блокот, да имаме добра заштита и нема секој напад да го завршуваме веднаш, туку да бидеме трпеливи. Така ќе успееме да им го пробиеме блок-системот и да реализираме полесно. Луксембург на ранг-листата е послаба селекција од нас и уште не сме ја реализирале бидејќи комплетниот фокус ни е кон Холандија. Имаме два дена за Луксембург, ќе имаме можност да го гледаме и нивниот дуел со Холанѓаните.“
Најважното е дека и атмосферата и мотивацијата се на високо ниво.
„Атмосферата во екипата е одлична, сите тренираме максимално и го даваме најдоброто од нас. Искрено многу ми е жал за пехот со Љафтов и што нема да може да сметаме на него, но ветувам дека ќе играме и за него и за сите нас. Ја повикувам публиката да дојде во салата ‘Парк’ во Струмица и да не поддржи на овие два натпревари, да биде наш седми играч, а ние ветуваме дека ќе дадеме и 200 посто од нашите можности и да се радуваме заедно“, заклучува Ѓоргиев.






