Ненад Димитријевиќ повторно одбегнува повик за македонската кошаркарска репрезентација, најпрво рекол дека ќе задоцни, но потоа воопшто не се појавил.
Селекторот Драган Бајиќ на денешната прес-конференција го искажа разочарувањето од односот на Димитријевиќ.
„Ненад Димитријевиќ, сакам да ја објаснам целата ситуација за да нема дамки околу моето име. Контактирав со него, му кажав дека сакам да биде лидер на оваа репрезентација во следните десетина години. Реков дека е исклучително потребен за да се пласираме во квалификациите. Му реков дека е можно да му дадам одмор понатаму. Јас подоцна имав повик само од неговиот менаџер кој побара Нено да се појави на 28 јули бидејќи имал тешка сезона“, вели Бајиќ.
„Јас поминав преку некои свои принципи, во слична ситуација беше Вајли кој исто така дојде подоцна поради лични проблеми. Несфатливо ми е некој со 23 години да бара одмор, а 36-годишниот Бојан Трајковски доаѓа на секој тренинг и работи како да има 20. Следна работа беше тоа што јас бев известен од луѓето во Федерацијата дека Димитријевиќ нема да се појави на тренинзите. Јас нема ни да тужам, ни да барам причини, толку е од мене, тој не ме удостои да ми се јави и да ми ги каже причините поради кои не дојде. Ја има македонската јавност да ѝ објасни“.
„Го имате Горан Пандев кому не му е тешко на 37 години да игра за репрезентацијата, го имате Кирил Лазаров кој во петтата деценија гине за репрезентацијата, можеби треба да им објасни на нив“.
Покрај Димитријевиќ, во составот ќе нема уште неколку важни кошаркари.
„Момчето што е во САД (Андреј Јакимовски н.з.) имаше операција на препоните и неговата рехабилитација трае 6-7 недели и знам дека тој сакаше, но не можеше да се приклучи на репрезентацијата. Војдан Стојановски е повреден, не игра повеќе месеци, Дамјан разговараше со мене, имаше приватни причини, Дарко Соколов смета дека можеби неговото време во репрезентацијата поминало и сите имаме разбирање за него. Сметав и на Николовски, но и тој е повреден, Младеновски се појави на почетокот на подготовките, има повреда на зглобот. Стојан Ѓуроски ми се јави уште додека бев дома, знам дека сакаше да помгне, но е повреден“.
На претквалификацискиот турнир во Скопје, Македонија ќе одигра четири натпревари:
12. август– 19.00: Македонија – Швајцарија
14. август – 19.00: Словачка – Македонија
16. август – 19.00: Швајцарија – Македонија
18. август – 19.00: Македонија – Словачка






